1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгледите на Грција „негативни“

Борис Георгиевски/афп/бета/миа8 август 2012

Кредитната агенција Стандард и Пурс ги намали изгледите за кредитоспособноста на Грција на негативни, наведувајќи ги влошената економија и политичките предизвици кои би можеле да предизвикаат дополнителни проблеми.

https://p.dw.com/p/15lYD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Брисел веќе порачаа дека нема да и’ дозволат нови задолжувања на земјата, а веќе стигнуваат и првите оценки дека излезот на Грција од еврозоната може да се менаџира

Агенцијата Стандард и Пурс утрово го потврди она за што веќе подолго време се шпекулираше: дека на Грција ќе и’ бидат потребни дополнителни кредити за да ја стабилизира економијата. Кредитниот рејтинг на Грција одамна е во категоријата „ѓубре“, а од Стандард и Пурс велат дека изгледите за излез од кризата не се многу оптимистички.

„Негативната прогноза се должи на потенцијалот за неуспех доколку грчкиот дефицит за 2012 и останатите утврдени критични точки преку програмата на ЕУ и ММФ не бидат помогнати со дополнителни кредити или помош“, наведуваат од Стандард и Пурс.

Оттаму уште предупредуваат дека на Атина годинава ќе и’ бидат потребни дополнителни средства од ЕУ и ММФ за да избегне банкрот, поради постојаните одложувања на буџетските кратења и опаѓачката економија. Се проценува дека Грција нема да успее да ги исполни условите поставени од меѓународните кредитори со кои треба да и се одобри следната транша од финансиската помош.

Standard & Poor's Logo
Од Стандард и Пурс потврдија дека на Грција и’ е потребна дополнителна помошФотографија: picture-alliance/dpa

Од Стандард и Пурс проценуваат дека грчката економија ќе забележи пад од 10 до 11 проценти во периодот 2012- 2013 година, што е двојно повеќе од прогнозите на кои се заснова пакетот за помош на ЕУ и ММФ. Оттука, од рејтинг-агенцијата сметаат дека на Грција само годинава ќе и’ требаат 7 милијарди евра дополнителна помош.

Во Атина, пак, грчката влада се уште бара начин како да го исполни бараното намалување на буџетот за 11,5 милијарди евра. Министерот за финансии Јанис Стурнарас вчера призна дека за исполнување на обврските кон кредиторите недостасуваат уште 4 милијарди евра. Преговорите со меѓународната тројка кредитори завршија во неделата и треба да продолжат на почетокот на септември.

Шефот на еврогрупата, премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер вчера оцени дека евентуалното излегување на Грција од еврозоната може да се менаџира, но дека не е посакувано. Јункер смета дека евентуалниот излез на Грција нема да се случи пред крајот на есента, „а можеби ни тогаш“.

„Излегувањето на Грција од еврозоната би носело големи ризици, пред се’ за просечниот граѓанин на Грција“, вели Јункер.