1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излез - заедничко инвестирање во обновливи извори на енергија?

Естер Зауб26 јуни 2008

Цената на нафтата влијае врз економијата во цел свет. Кризниот самит за нафтата проследен со посебно внимание. Колку е поскапа нафтата, толку повеќе се исплатат алтернативни извори на енергија. Коментар на Естер Зауб

https://p.dw.com/p/ERHk
Високите цени на нафтата принудуваат на наоѓање други решенијаФотографија: Deutsche BP AG

Домаќинот и најголем светски извозник на „црното злато“ Саудиска Арабија вети дека ќе црпи поголемо количество нафта, слична готовност искажа и Кувајт, но тоа сепак не придонесе за позначајно паѓање на цената. Очигледно, посилно е дејството на другите фактори што влијаат врз неа: политичките случувања во светот, постојано растечката побарувачка и, посебно, шпекулациите на пазарите на енергетика.

Ако по три месеци на пазарот навистина бидат понудени дополнителни 250 илјади барели нафта дневно, со оглед на речиси испразнените резерви, тие веднаш ќе бидат продадени - ако не за непосредна потрошувачка, тогаш за создавање залихи за наредни вакви кризни времиња.

Високите цени, навистина, на производителите на нафта им носат огромни пари - една милијарда долари дневно само на Саудиска Арабија! - но и грижи исто така: растечка инфлација дома, и страв дека муштериите на долг рок би можеле да се преориентираат на други извори на енергија.

Нафтата не е неисцрпна суровина

Се’ едно дали природните резерви се доволни за наредните 50, 100 или 150 години, кога и да е тие ќе бидат потрошени. Поради тоа, многу поважни од една ниска цена на нафтата се алтернативите за неа, за кои треба да се погрижиме сега, а не дури по 50 години; зошто тогаш не и заеднички со производителите на нафта, како што предложи британскиот премиер Гордон Браун на отворањето на кризниот самит?

Ако производителите ги инвестираат огромните добивки што ги остваруваат сега, не само во барање нови нафтоносни полиња, туку и во развој на обновливи енергии, тогаш на крајот од тоа ќе профитират и потрошувачите. Освен тоа, кој полага врз енергијата на сонцето, водата или ветрот, ќе придонесе за неговиот правнук по сто години повторно да не се најде пред истото прашање како и ние денес: „Uште за колку време ќе има нафта“?




Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема