1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Измамникот доби 150 години затвор

30 јуни 2009

Бернард Медоф, кој измамил илјадници граѓани и со системот на пирамидални штедилници им нанесол штета во висина од 65 милијарди долари, од страна на еден њујоршки суд е осуден на 150 години затвор.

https://p.dw.com/p/IdtL
Бернард Медоф во времето кога бил успешен брокерФотографија: AP

71 годишниот екс-брокер Бернард Медоф ја доби највисоката затворска казна, зашто како што изјави судијата Дени Чин, кривичното дело е „исклучително ѓаволско“. Во најголемиот скандал на измама во историјата на Вол Стрит, финансискиот жонглер, по пат на систем на пирамидални штедилници, измамил илјадници луѓе ширум светот и заработил огромни пари. Со парите од новите вложувачи во пирамидалните штедилници, им исплаќал наводни добивки на старите вложувачи, притоа велејќи дека добивката е од бизнис со акции, кого воопшто го немал.

Медоф, во март годинава, се изјасни како виновен. Досега е докажано дека е направена штета во висина од 13 милијарди долари, но се проценува дека вистинската штета се движи околу 65 милијарди долари.

Медоф жали?

Обвинителството побара доживотна казна за Медоф, а одбраната инсистираше на поблага казна - на 12 години затвор. Медоф соработуваше со властите и не се обиде да избега, аргументираше неговиот адвокат.

Madoff Gericht
Дел од жртвите на Медоф загубиле се‘ што имале заштедено

Екс-брокерот во судницата рече дека жали за стореното дело. Според Медоф, тој направил „страшна грешка“. Обраќајќи им се на жртвите рече: „Жал ми е. Знам дека тоа вам не ви помага.“

Во име на жртвите, во судницата зборуваа неколкумина од нив. Дел од нив ја загубиле целата своја заштеда и сега живеат од социјална помош. Џудит Велинг, која е една од жртвите, изјави:

„Мислам дека казната е заслужена. Мислам дека судијата сигурно ги прочитал стотиците наши писма што му ги испративме. Размислувал многу и се обидува да испрати порака до светот дека вакво однесување нема да биде толерирано.“

Финансискиот измамник рече дека дејствувал сам и без знаење на кој било друг. Според неговото тврдење, за валканиот бизнис не знаела ниту неговата сопруга Рут.


Автор: ЕМФ/АТ/дв

Редактор: Жана Ацеска