1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изменетиот закон за доселување е и натаму контроверзен

Клаус Даман / Елизабета Милошевска Фиданоска17 јуни 2012

Кога странците сакаат да му се приклучат на својот брачен партнер во Германија, мораат да докажат основни познавања на германскиот јазик. Правилото важи веќе пет години, а се‘ уште е предмет на жестоки дебати.

https://p.dw.com/p/15Fe5
Фотографија: Fotolia/HandmadePictures

Познавање на германскиот јазик на степен А1 овозможува снаоѓање во секојдневието, познавање на броевите, времето и цените и исполнување едноставни формулари. Овој тест за јазик од 2007 година мораат да го полагаат странските државјани кои сакаат да му се приклучат на својот брачен партнер во Германија. Без сертификатот за јазик нема виза.

Не е чудо што пред пет години во Гете институтите во целиот свет имаше голема навалица. Една четвртина од луѓето кои сакаат да учат и полагаат доаѓаа од Истанбул, Анкара или Измир, што не е чудо, затоа што Турците се далеку најголема група мигранти во Германија.

Брзо стана јасно дека нема смисол брачните партнери да се сместуваат во редовни курсеви, зашто многумина не се навикнати на интензивно учење јазик, некои не оделе на училиште или посетувале настава само неколку години, дел се дури и аналфабети. Затоа Гете институтот ја преработи својата понуда на курсеви, изработи нов материјал за учење и ги испрати предавачите на специјално натамошно дообразување.

Zuwanderung in Deutschland
Сертификат за познавање на јазикот е задолжителенФотографија: AP

Но, сите напори да им се излезе пресрет на погодените лица не се доволни, тврдат критичарите на ова правило. Мареи Пелцер од организацијата „Про азил“ ваквото правило го опишува како „многу рестриктивна мерка за спречување на спојување на семејствата“, поради што страдаат многу семејства на бегалци. Затоа што токму тие доаѓаат од кризни или воени региони, во кои не може и да се помисли на некакво редовно посетување курсеви. И намерата на законодавачот да ги спречи аранжираните бракови или принудните бракови со тоа што ќе се бара познавање на јазикот, според Пелцер, не држи и само ги потхранува клишеата кои можеби се однесуваат на одделни случаи, но тоа во никој случај не треба да се паушализира. Законот, како што тврди правниот експерт на организацијата за бегалци, „е повреда на европското право, не е во согласност со заштитата на семејството и нанесува штета без да биде препознатлива каква било полза“.

Критики од Европската комисија

Германија навистина со ваквиот закон ги пречекорува рамките зададени од ЕУ. Европската комисија во 2010 година утврди дека на брачните партнери кои треба да дојдат во земјата членка на Унијата треба да им се постават барања за учење на јазикот, но дека тоа не значи оти од тоа треба да зависи спојувањето на семејството. Јасно кажано - ако некоја држава не му издаде виза на брачниот партнер поради тоа што тој нема доказ за познавање јазик, тоа значи повреда на човековите права. Холанија, врз основа на ваквата проценка на ЕК, го укина ваквиот предуслов за спојување на семејствата. Иако во Германија оттогаш невладините организации и опозиционите политичари го бараат истото, германската влада се‘ уште не гледа повод за промена на законот.

Аргументот на властите гласи - основните познавања на германскиот јазик се важни за подобра интеграција во Германија уште од почеток. Да се се посетува курс по јазик и за тоа да се плаќа уште во татковината е „тешко“, вели Хартмут Штајн од Одделението за странци во Бон, но додава: „Нема сомневање дека подготвеноста за интеграција преку барањето доказ за познавање на јазикот е зголемена“.

Deutschland Einwanderung Symbolbild
Фотографија: Becky Stares/Fotolia.com