1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изненадување од Северна Кореја

6 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQr
Во спорот за нејзината атомска програма Северна Кореја изненадувачки им понуди на САД откажување од натамошниот развој на нуклеарното оружје. Откажувањето би важело и за цивилна употреба на атомската енергија, соопшти денеска државната новинска агенција на оваа земја КЦНА. За возврат Северна Кореја бара од САД да биде избришана од листата на земјите кои го поддржуваат тероризмот, потоа укинување на санкциите и енергетска помош. Нешто пред тоа Северна Кореја ненадејно и дозволи на група независни американски експерти да извршат инспекција на нејзините атомски програми. Во атомскиот спор со Вашингтон, Северна Кореја постојано е подготвена на изненадувања. Едно од нив беше кога режимот кон крајот на 2002 повторно вклучи во погон еден од спорните атомски реактори и им забрани влез на инспекторите на Меѓународната организација за атомска енергија. Изненадувачки беше кога Северна кореја во минатиот октомври соопшти дека обработила 8 илјади парчиња атомско гориво истовремено заканувајќи се дека ќе гради атомско оружје. Подеднакво изнеадувачка беше и веста дека Пјонгјанг им издал дозвола за влез во земјата на независни американски експерти за да ја испитаат нејзината атомска програма и оти тие денеска веќе стигнале во Пјонгјанг. Уште поизненадувачка е сега нејзината понуда да се откаже од развојот на атомско оружје, па дури и од користење во цивилни цели, но само ако САД возвратат со соодветна контра. За мотивите на најновото менување на курсот во овој момент може само да се шпекулира. Прва варијанта: безнадежно економски осиромашената земја е во ќоросокак, па е принудена да бара компромиси. Тоа може да објасни зошто сега Северна Кореја за разлика од порано, не бара од Американците потпишување пакт за ненапаѓање, туку доминантно бара ветувања за помош. Тоа веќе би бил делумен успех на досегашната американска политика на одбивање на севернокорејските понуди. Но, ова може да значи и дека Кина зад кулисите успешно врши притисок врз стариот сојузник. Втората варијанта е помалку оптимистичка. Забележливо е дека најновата понуда на Северна Кореја доаѓа токму во моментот кога во земјата пристигнаа првите поканети американски експерти. Можно е да се пуштени да влезат само затоа што Пјонгјанг е сигурен оти ќе им прикаже впечатлив развоен стадиум на атомската програма. Ако пак оваа опасност биде потврдена, режимот би можел многу бргу да ги подигне своите барања. Во секој случај САД би требало оваа најнова понуда на Северна Кореја критички да ја преиспитаат и од своја страна да понудат концесии. Притоа, сепак, мораат да внимаваат, да не бидат прелажани. Единствениот прифатлив резултат всушност е можноста за испитување на севернокорејската атомска програма.