1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изработувачот на едра Нилс Молкентин од Кил

14 април 2010

Нилс Молкентин е во својот елемент кога е на, или покрај вода. Хобито на страстниот сурфер стана негова професија. Тој произведува и поправа едра. Од оние кои веќе не може да се спасат, шие чанти.

https://p.dw.com/p/MDth

Кога луѓето во северна Германија зборуваат за времето тоа не е само површен разговор. Времето е важно за жителите на крајбрежјето, оти спортот на вода е нивно хоби, поради работата или едноставно зашто планираат патување за викендот.

Токму тоа може да се каже и за Нилс Молкентин од Кил. Тој секогаш знае од каде „вее ветрот“. Ветерот е подвижна сила во неговата работа и хоби. Тоа го знаат и неговите колеги. На пример Ирмгард, која работи со него во работилницата за произведување едра „Дмох“ во Кил. Таа без размислување се потпира на временските прогнози на Нилс: „Од Нилс секогаш дознавате какво ќе биде времето на викенд. Тој постојано го следи времето и колку е посилен ветрот, толку почесто ѕвони неговиот мобилен телефон. Тогаш тој се договара за едрење“, вели Ирмгард.

Gesichter Deutschlands NiMoF3
Нилс еднаш годишно оди на планинаФотографија: Nils Molkentin

Нилс Молкентин сочувствува со муштериите

Нилс Молкентин, всушност, секогаш е подготвен за акција. Тој има 26 години, не е женет и доволно е слободен за во секое време да ја земе опремата, неколку пријатели во неговото комбе „Фолксваген“ и да тргне кон Данска или на други места за едрење во северна Европа.

Но, тоа не значи дека животот на Нилс Молкентин е потполно безгрижен. Сурфањето или едрењето не се евтини спортови. Како производител на едра тој редовно заработува пари. Притоа, за Нилс работата не претставува само средство за целта. Веќе девет години тој шие едра, а започнал од истата причина како кај сурфањето, односно - љубовта кон морето. Сeкако е практично дека доколку му се скине едрото, може сам да го поправи.

Иако со љубов работи како производител на едра, кога се наближува петок попладне Нилс Молкентин одвај доседува на машината за шиење. Сака да биде покрај вода. Но, Нилс Молкентин никогаш не гледа на часовникот за точно да заврши со работата. Тоа го вели и неговиот шеф - Андреа Дмох. Напротив, Нилс точно знае како им е на сурферите на кои треба да им ги репарира едрата: „Спортистите на вода кои на пример кон крајот на неделата ги носат едрата на поправка, за викендот сакаат да едрат на море, исто како Нилс. Затоа тој никогаш не би рекол: ’Нема да ти го зашијам едрото’, туку во секој случај го поправа и муштериите можат да се забавуваат на викенд.“

Gesichter Deutschlands NiMoP2
Веќе девет години шие едраФотографија: DW

Втора причина за правење едра

Нилс Молкентин добил идеја како да го искористи своето знаење за правење едра и за друго. „Мојот братучед, неговата пријателка и јас основавме фирма, со марка која се вика Хо’охакији. Зборот потекнува од хавајскиот јазик и значи 'единствен'. Ние произведуваме чанти, паричници и ремени од стари едра кои не може да се поправат. Со оваа идеја сега се обидуваме да се пробиеме во сурферското милје.“

Gesichter Deutschlands NiMoF2
Сурфањето или едрењето не се евтини спортовиФотографија: Nils Molkentin

Чантите и останатите производи од рециклиран материјал изгледаат професионално и се екстремно издржливи. И покрај првите почетнички успеси, Нилс Молкентин се‘ уште не би можел да ја напушти старата работа како изработувач на едра. Тој е трпелив како сите сурфери кои ги чекаат совршените бранови. Но, „Хо’охакији“ или „Единствен“ одговара добро на него и на неговата бизнис идеја.

Автор: Мат Зувела / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска