1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелскиот премиер Олмерт за насоките на надворешната политика

5 септември 2006

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт вчера за прв пат по завршувањето на Либанската војна се појави пред пратениците на Кнесетот.

https://p.dw.com/p/Adxd
Олмерт на говорницата на Кнесетот
Олмерт на говорницата на КнесетотФотографија: AP

Во парламентарниот одбор за надворешна и одбрамбена политика, што се занимава со испитување на настаните што доведоа до војната, Олмерт ги исцрта насоките на актуелната израелска политика кон соседите.

Ехуд Олмерт настапи решително и најави дека доколку Израел биде принуден да води војна против Сирија, тогаш ќе постапува многу потврдо, отколку во Либан. Во секој случај неговата влада нема да преговара со официјален Дамаск. Се‘ додека Сирија поддржува терористи, нема услови за разговори, порача Олмерт. Од друга страна, тој е подготвен на сеопфатни мировни преговори со либанската влада. Израелскиот премиер изјави дека треба да продолжат и преговорите со Палестинците, што е најитен проблем на државата.

Ехуд Олмерт во исто време најави дека ќе го прекине делумното повлекување на израелските населби од Западниот брег на реката Јордан. Причина за тоа е изменетата ситуација по Либанската војна. Наместо тоа, израелската влада ќе го поттикнува натамошното проширување на еврејските населби на овој дел од палестинските автономни подрачја. Вчера владата веќе распиша јавен конкурс за градење стотици нови станбени објекти во две населби. Ова е најголемиот проект од овој вид од доаѓањето на Олмерт на власта во мај годинава.

Израелското мировно движење „мир веднаш„ го оцени распишувањето на конкурсот како прекршување на принципите на меѓународната „мапа на мирот„. И палестинскиот преговарач Саеб Ерекат го осуди планираното проширување на израелските населби на автономните подрачја на Западниот брег. Тоа ги уништува сите настојувања за заживување на мировниот процес на Блискиот исток, порача угледниот палестински политичар.