1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелските бедуини се борат за сопствениот начин на живот

Улрике Шлајхер / Темјана Поповска25 ноември 2012

Околу 190.000 бедуини живеат во израелската пустина, во села кои државата не ги признава и има намера да ги уништи. Израел сака да ги пресели, но тие се борат против тоа.

https://p.dw.com/p/16nAG
Фотографија: DW/U.Schleicher

Туристичкиот автобус придружуван од пет полициски возила патува кон Лакија, град во пустината Негев, во јужниот дел од Израел. Патниците, генрално постари Американци, од кои повеќето живеат во Ерусалим, се нервозни. Зошто има полиција? 

„Не правиме нешто што би ве ставило во опасност“, објаснува преку звучниците водичот на групата Ари Бригс. Но, неможте да застанете овде, велат од полицијата која ги обесхрабрува и воедно за поголема безбедност нуди придружба. „Лакија е област каде апсолутно не треба да одите. Но, можете да ја фотографирате“.

Israel Beduinen Enteignung
Туристите набљудуваат од безбедна дистанцаФотографија: DW/U.Schleicher

Бригс, Австралиец облечен во сафари панталони и со шапка како на Индијана Џонс, изминатите два часа непрекинато разговара со своите клиенти. Тој вели дека постои зголемена опасност од бедуини кои во Негев илегално ја окупираат изралската земја. Неговата организација „Регавим“ се бори да го досели еврејското малцинство кое смета дека „ова е наша земја“. Сите од израелската влада засрамувачки ја запоставуваат оваа област, се жали тој.

Патниците кои имаат платено за оваа екскурзија до местото „без Господ и закони“ и сакаат да ја искусат опасноста на „илегалните жители“, во тој момент ги вадат камерите. Она што го фотографираат е крајот на градот, но доволно е депресивно: ѓубре на улиците, трошни куќи и училиште меѓу нив. Бригс вели дека „Лакија е изграден од Израел за 35.000 бедуини, но реално тука живеат само 7.000“. Веќе многу пари се фрлени, а „се’ колабира“, смета тој. Австралиецот, кој емигрирал во Израел пред десетина години, секојдневно зборува за иднина во пустината и посакуваниот соживот меѓу Израелците и бедуините. Но, тој не споменува многу работи.

Села без инфраструктура

Официјално во Негев живеат околу 190.000 бедуини кои се државјани на Израел. Но,

70.000 од нив живеат во 45 „непризнаени“ села. Многу од нив постоеле долго пред создавањето на Израел во 1948. Сепак, бедуините немаат права на сопственост, затоа што државата еднострано има присвоено голем дел од Негев. Во селата нема водовод и канализација, струја, училишта и јавен транспорт. Не постои администрација, жителите немаат гласачко право, ниту, пак, можат да добијат дозвола за градење. Сите дигаат раменици кога се во прашање бедуините. Сето она што владата го прави можно за населбите во Западниот Брег, односно обезбедување целосна инфраструктура, без оглед каде е таа, не важи тука. Жителите во секое време очекуваат нивните домови да бидат срушени. На пример, во ал-Сира. Тука семејството на Калил Аламур живеело седум генерации, а куќа и парче земја припаѓаат на неговата фамилија.

Israel Beduinen Enteignung
Едно од бедуинските селаФотографија: DW/U.Schleicher

„Имаме документи за да го докажеме тоа“ вели 47 годишниот Аламур. Но, изралските власти не се грижат за тоа. Полицијата доаѓа во селата и доставува дозволи за рушење. „Така често завршуваме на суд“, вели Аламур, кој покрај социјалните бариери има завршено факултет и не го разбира овој став на владата. „Ние не сме непријатели на државата, сакаме да се интегрираме“. Тој вели и дека интеграцијата не може да ги игнорира традициите и вредностите на бедуините и не може да се имплементира без соработка со нив.

Israel Beduinen Enteignung
Полицијата се грижи за безбедноста на туриститеФотографија: DW/U.Schleicher

Сиромаштија и урбано насилство

Аламур се повикува на целта која ја има Израел од 1960-тите: преселување и урбанизација на Бедуините во пустиот северен дел на Негев. Во 2011, Кнесетот одобри план кој се’ уште чека да биде ратификуван. Во него стои дека 10 најголеми населби ќе бидат признаени, додека другите ќе се уништат. Со ова популацијата ќе биде раселена, во седумте градови кои за оваа цел ги изградила државата од 1968 до 1989 година.

Лакија е еден од нив, и во него постои сиромаштија, изобилува со насилство и криминал, има најголема стапка на невработеност во државата, а нивото на образование е најниско. Аламур вели дека „бедуините и градовите не се пријатели“, објаснувајќи ги катстрофалните услови. Иако неговите луѓе веќе не живеат во шатори, сепак имаат силни аграрни и сточарски навики. Неговата сугестија е: „оставете ни ги нашите 5 проценти од земјата која се’ уште ја имаме и ние ќе го извадиме најдоброто од неа. За добро на сите“.

По долгото автобуско возење со кратки паузи, секогаш на безбедносна далечина од бедуинските села, Бригс објавува крај на патувањето и посета на еврејски фармер кој живее таму. „Колку оптимистички звучи дека тука исто така живеат и Евреи“, коментира една жена.