1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелците и Палестинците преговараат за мир

2 септември 2010

По двегодишна пауза, Израел и Палестинците денеска ги обновуваат директните преговори за мир на Блискиот исток. Американскиот претседател Барак Обама ги повика двете страни да се заложат за постигнување договор.

https://p.dw.com/p/P2Gj
Махмуд Абас, Бенјамин Нетанјаху и Барак ОбамаФотографија: AP/DW

Пред денешниот (02.09.2010) официјален почеток на преговорите во Вашингтон, Обама одржа одделни средби со шефот на израелската влада Бенјамин Нетанјаху и претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Во исклучително кратката изјава, Обама нагласи дека Израел и Палестинците не смеат да ја пропуштат шансата за постигнување мир на Блискиот Исток.

„Ваква можност можеби нема наскоро да се отвори“, рече Обама, нагласувајќи дека цел на преговорите е постигнување на договор по принципот „два народа, две држави“. Резултатот од преговорите треба да биде „независна, демократска и функционална палестинска држава, која рамо до рамо ќе егзистира во мир и безбедност со Израел и останатите соседи“, нагласи Обама. Сега е време Нетанјаху и Абас, со храброст и отвореност, да им го донесат мирот на своите народи, кои тоа го заслужуваат.

Washington Friedensgespräche Nahost Obama Netanyahu
Ваква можност можеби нема наскоро да се отвори, рече Обама (на фотографијата со израелскиот премиер Нетанјаху)Фотографија: AP

Нетанјаху му се обрати на Абас

Пред заедничката вечера во Белата куќа, на која учествуваа и јорданскиот крал Абдула и египетскиот претседател Хосни Мубарак, Нетанјаху и Абас ја изразија волјата за постигнување мир.

„Сакаме мир што ќе го реши конфликтот меѓу нас, еднаш засекогаш“, рече Нетанјаху, обраќајќи му се на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, со зборовите:

„Вие сте мојот мировен партнер. На нас останува да го решиме долгиот конфликт меѓу нашите народи и со помош на нашите пријатели да означиме нов почеток.“ Нетанјаху додаде дека се залага за историски компромис, кој на двата народа ќе им овозможи да живеат мирно, безбедно и достоинствено.

Symbolbild Obama Besuch Nahost
Денешната средба треба да биде прва во серијата средби, што САД би сакале да доведат до мировен договор за Блискиот исток

Многу компликувани прашања

Претседателот на Палестинците, пак, Махмуд Абас, нагласи дека нема да штеди напори за преговорите да завршат со успех. Истовремено тој ги повтори барањата за прекин на изградбата на израелски населби во палестинските области. Абас исто така остро ги осуди последните напади врз израелски државјани.

Преговорите формално ќе бидат отворени со денешната средба на Нетанјаху и Абас во американското министерство за надворешни работи во Вашингтон. Таа треба да биде прва во серијата средби, што САД би сакале да доведат до мировен договор за Блискиот исток.

Освен израелската политика на доселување во палестинските области, како најпроблематични точки во преговорите преговорите важат и идниот статус на Ерусалим, како и палестинското барање за враќање на милиони бегалци. Освен тоа, во текот на преговорите треба да биде решено и комплицираното прашање околу граничната линија на идната палестинска држава.

Автор: ТТ/АТ/дпа/ројтерс/апн/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема