1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел го прогласи Грас за „персона нон грата“

ЕМФ/дапд/епд8 април 2012

Израел денеска му забрани влез во земјата на Гинтер Грас. Со тоа земјата реагираше на контроверзната песна на германскиот носител на Нобеловата награда за литература.

https://p.dw.com/p/14ZY8
Фотографија: dapd

Доколку Гинтер Грас „и натаму сака да ги шири неговите извртени и лажливи дела, предлагам тоа да го прави од Иран“, изјави денеска (08.04) израелскиот министер за внатрешни работи Ели Јишаи. Притоа, Јишаи се повикува на еден закон во Израел, кој на владата и‘ овозможува да им забрани влез во земјата на поранешни нацисти. Грас пред неколку години призна дека како 17-годишник, во последните месеци од Втората светска војна, бил припадник на нацистичките Ес-Ес единици.

Во својата песна „Она што мора да се каже“ пак, објавена пред неколку дена во весниците „Зидојче Цајтунг“, „Ла Република“ и „Њујорк Тајмс“, 84-годишниот Грас го обвинува Израел дека претставува закана за светскиот мир. Грас пишува дека Израел си го зема правото на нуклеарен напад со кој би го уништил атомското оружје на Иран, кој би можел да „го згасне иранскиот народ“. Што се однесува до Иран, само сe претпоставува дека земјата работи на атомска бомба. Грас натаму зборува за тоа дека Израел одбива контрола врз неговиот нуклеарен потенцијал, факт преку кој светот минува молкум, „оптоварувачка лага“ на која веќе не сака да и‘ се потчинува, особено не сега кога од Германија „на Израел треба да му биде испорачана уште една подморница“.

Со ваквите ставови во песната, носителот на Нобеловата награда за литература ожнеа жестоки критики и предизвика жолчни дебати во светот. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле оцени дека е „апсурдно“ Израел и Иран да се ставаат на исто рамниште. Литературниот критичар Марсел Рајх-Раницки песната на Грас ја нарече „грозна“, „ужасна“ и „неподнослива“. За „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“ Рајх-Раницки оцени дека Грас имал „сосема јасна“ намера „да ја нападне еврејската држава“. Поетот Волф Бирман ја нарекува песната на Грас „литературен смртен грев“ и оценува дека тоа не е песна. Сепак, во својот есеј во „Велт ам Зонтаг“ Бирман вели дека Грас како момче кое им припаѓало на Ес-Ес единиците на крајот на војната, „не бил фашист“.