1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел од Шведска бара осуда

24 август 2009

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од шведската влада побара да го осуди извештајот објавен во еден шведски весник, во кого израелската армија е обвинета дека продавала органи на убиени Палестинци.

https://p.dw.com/p/JH4A
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека не очекува извинување од шведската влада, туку осудаФотографија: AP

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на седницата на владата, одржана вчера, изјавил: „Не очекуваме никакво извинување од шведската влада, сакаме таа да го осуди извештајот“.

Нетанјаху побара официјално извинување, но наиде на мало разбирање кај шведскиот колега по функција, Фредрик Рајнфелд: „Ако под Шведска се мисли на шведската влада, нас никој не може да не’ принуди да го прекршиме нашиот устав. Владата не се меша во она што објавува некој весник“, рече Рајнфелд.

Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт одби официјална осуда на објавениот текст од страна на шведската влада, повикувајќи се на слободата на печатот. Шведската амбасадорка во Израел, пак, го критикуваше објавениот текст.

Со ова се заострува спорот меѓу Израел и Шведска околу извештајот објавен во булеварскиот весник „Афтонбладет“ пред една недела. Во него весникот ја обвини израелската армија дека продавала органи на убиените Палестинци, но притоа за ваквите тврдења не објави докази. Израелскиот министер за финансии Јувал Штајниц изјави дека кризата ќе трае се‘ додека шведската влада не го промени својот став за, како што го нарече, „антисемитскиот“ извештај. Штајниц направи споредба со распламтувањето непријателство кон Евреите во средниот век, кога тие биле обвинувани дека го подготвуваат Пасха лебот со крв од христијански деца. Сега израелските војници се набедувани дека убиваат Палестинци заради продажба на нивните органи.

Beligen EU Präsidentschaft Schweden Carl Bildt
Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт се повикува на слободата на печатотФотографија: AP

Афтонбладет ги отфрла обвинувањата

Израелското министерство за надворешни работи соопшти дека Израел има чувство оти владата во Стокхолм ја користи слободата на печатот како згоден изговор за да не го осуди антисемитизмот во извештајот во весникот. Весникот, пак, ги отфрли обвинувањата од Израел, иако во новиот извештај од вчера, повторно не понуди докази за тврдењето за продажбата на органи од 19 годишниот Палестинец Билал Ахмад Ганем, кои наводно му биле одземени од израелските војници. Во новиот текст за збор се јавуваат роднини на Палестинецот убиен во 1992 година, кои ги прецизираат обвинувањата.

Израелскиот весник „Хаарец“ објави дека повикот на бојкот на шведските производи и на стоковната куќа за мебел „Икеа“ на еден собир веќе го потпишале илјадници Израелци, а слични повици има и на интернет.

„Икеа“, пак, издаде соопштение дека претпријатието работи чисто комерцијално и не е политички определено.

Автор: ЖА/ЕМФ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска