1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел под притисок по смртта на Арафат

12 ноември 2004

По смртта на Јасер Арафат израелската влада се наоѓа сега под притисок да направи важен чекор во мировниот процес на Блискиот исток – смета Петер Филип во наредниот коментар.

https://p.dw.com/p/AcJn
Премиерот Ариел Шарон со членови на владиниот кабинет
Премиерот Ариел Шарон со членови на владиниот кабинетФотографија: AP

Во Израел никој нема да тагува по Јасер Арафат. Починатиот лидер на Палестинската ослободителна организација за премногу Израелци преставува симбол на тероризмот, кој однесе толку многу цивилни жртви на израелска страна. Но, во овие историски мигови Израелците би требало да сфатат дека не е доволно таков еден омразен непријател да се изолира и политички да се прогласи за “неважна личност“ - како што тоа го направи премиерот Ариел Шарон пред три години. Арафат не е партнер за преговори, објави Шарон, но други партнери не успеа да најде. Со вакви и слични аргументи Шарон успеваше да ја увери Белата куќа, но повеќето други земји во светот, особено оние од Европа, и понатаму го сметаа Јасер Арафат за легитимен претставник на Палестинците.

Сега по неговата смрт, Израел, па дури и САД, се наоѓаат во позиција да мораат да преземат нешто. Сега нема да можат и понатаму да тврдат дека на палестинската страна нема партнер со кој можат да се водат преговори. Со наследникот на Арафат обете земји ќе мораат поинаку да се однесуваат, од она што си дозволуваа со Арафат. Махмуд Абаз, поранешниот и Ахмед Куреи, сегашниот палестински премиер секако би биле пожелни партнери за преговори. Но ниту Израел, ниту САД не смеат гласно да ги изговорат нивните преференции, бидејќи со тоа само би предизвикале спротивен ефект кај палестинските бирачи. Палестинците по четири години интифада се толку исфрустрирани, навредени и гневни, што какви и да е симпатии за некој од кандидатите би значеле сигурен пораз.

Шарон ќе мора да покаже готовност на соработка и на едно друго поле. Толку драматично најавуваното повлекување на израелските населби од Појасот Газа до сега не можеше да биде искоординирано со Палестинците. Со наследникот на Арафат тоа ќе мора да се стори. Повлекувањето, и тоа што е можно побрзо, би било секако гест на добра волја и мелем на раните на палестинскиот народ, што би придонел за смирување на ситуацијата. Таквото смирување им е, пак, преку потребно на луѓето во атономните подрачја. Не само поради општата исцрпеност со интифадата, туку и поради претстојните избори. Никој не може да си замисли да се спроведуваат избори, слободни и демократски, во сегашните услови, во кои израелските тенкови ги држат под опсада палестинските подрачја. Израелските војници би требало што е можно побргу да се полечат од палестинските подрачја, посебно од градовите, како и да ги укинат сите ограничувања за движење на Палестинците, дозволувајќи на тој начин барем делумно да се врати нормалното секојдневие.

Без таков минимум нормализација нема да има мирен пренос на власта кај Палестинците, тоа би требало да им биде јасно на владите на Израел и на САД. А во спротивно главниот тон ќе го диктираат и понатаму радикалните сили и со тоа би била прокоцкана најголемата шанса за обновување на уништениот мировен процес за долги, долги години!