1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел предаде на БиХ осомничен за геноцидот во Сребреница

АТ/ макфакс16 август 2013

Босанскиот Србин Александар Цветковиќ е предаден од Израел на правосудните власти на БиХ, потврди обвинителството на земјата. Тој се товари за воени злосторства во босанската војна.

https://p.dw.com/p/19Qmv
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во соопштението на државното обвинителство на Босна и Херцеговина се наведува дека за Александар Цветковиќ веднаш е побаран притвор, како и дека против него ќе биде подигнато обвинение за учество во геноцид.

Имено Цветковиќ за време на војната во Босна и Херцеговина во средината од 1990-те бил припадник на 10-от диверзантски одред на војската на босанските Срби и го товарат дека учествувал во геноцидот извршен врз Бошњаците во Сребреница (на насловната фотографија: Меморијалниот центар Поточари за жртвите од Сребреница), по заземањето на оваа енклава во јули 1995 година од страна на српските сили, откако од неа се повлекоа холандските војници од меѓународниот мировен контингент.

Цветковиќ е директно осомничен дека лично пукајќи од огнено оружје како припадник на стрелачкиот вод, заедно со други припадници на неговата единица, учествувал во убиствата на повеќе од 800 бошњачки мажи и момчиња на фармата во Брањево на 16-ти јули 1995 година.

Работејќи на истрагата по овој предмет, обвинителот на истражителите на Обвинителството на БиХ дошле до сознанија дека Александар Цветковиќ пред повеќе години ја напуштил Босна и Херцеговина. Во соработка со Интерпол и израелските власти во 2010 година бил лоциран во Израел, по што Обвинителството на БиХ покрена дејствија за негово предавање во БиХ.

Во периодот од три години, колку што траеше екстрадицискиот процес, израелските правосудни институции ги одбија сите жалби на Цветковиќ, а на крајот беше потврдена одлуката на Врховниот суд и на израелското министерство за правосудство за негово предавање на властите на БиХ.

„Ова предавање е јасна порака на сите осомничени за воени злосторства кои се кријат во странство дека правосудството на БиХ ќе докаже дека правдата е достижна, како и дека ќе ги преземе сите активност за пронаоѓање и екстрадиција на сите осомничени за воени злосторства, каде и да се наоѓаат, поради нивно процесуирање во БиХ“, се вели во соопштението на Обвинителството на Босна и Херцеговина.