1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел се лути, Палестинците ликуваат

17 октомври 2009

Советот на ОН за човекови права на вонредна седница усвои резолуција за извештајот на комисијата Голдстоун -осуда на прекршувањата на човековите права во војната во Газа. Во Израел критики, Палестинците се задоволни.

https://p.dw.com/p/K8wP
Фотографија: AP

Израелскиот министер за наука Даниел Хершковиц од националната партија „Еврејска куќа“, за одлуката од Женева го изјави она што многумина Израелци го мислат за ОН: оваа организација се претвора во ирелевантна. Декларацијата на Советот на ОН за човекови права во врска со извештајот на Голдстоун комисијата уште еднаш докажа дека во телата на ОН постои автоматско мнозинство на арапските држави, а тоа овозможува да биде усвоена секоја резолуција против Израел, тврди Хершковиц.

Израелскиот министер за внатрешни работи, Ели Јишаи, оценува дека станува збор за „јасна противизраелска одлука“, како последица на еден „антиизраелски извештај“. Израелската армија за време на војната во Газа оперираше со кадифени ракавици и е невина, тврди израелскиот министер.

Палестинците изразуваат задоволство

Палестинците напротив ја поздравуваат резолуцијата на Советот на ОН за човекови права. Портпаролот на Хамас во појасот Газа, Сами Абу Сухри изјави дека сега е важно да се направат следни чекори и „ционистичките криминалци“ да бидат одведени пред суд.

UN Menschenrechtsrat in Genf
Одлука со мнозинство, Советот на ОН за човекови права во ЖеневаФотографија: AP

Од Дамаск се јави Муса Абу Марцук, член на раководството на Хамас во егзил, кој најави дека неговата организаицја наскоро ќе соработува со ОН во расчистувањето на обвинувањата против неа. Комисијата Голдстоун го обвини за воени злосторства и палестинското движење Хамас, како и Израел.

„Да, ние ќе соработуваме во овој извештај, ќе формираме нов комитет кој ќе ги испита сите докази за војната во Газа“, изјави Марцук за телевизијата Ал џазира.

Чекор кон палестинско единство?

И во Рамала, седиштето на автономните палестински власти, владее задоволство. Резолуцијата од Женева покажува дека постои меѓународна поддршка за правата на Палестинците, потенцира Набил Абу Рудеинех, портпарол на претседателот на Палестинците Махмуд Абас. Мустафа Баргуту, член на палестинскиот парламент и пред четири години кандидат за претседателското место, за Ал Џазира изјави:

„По оваа одлука имаме подобра основа за постигнување палестинско единство. Следна цел треба да е како да дојдеме до него, за повторно да ја вратиме демократијата.“

Одлуката на Советот на ОН за човекови права ги зајакна Палестинците. Дали ќе биде доволна за да дојде до внатрешнопалестинско помирување меѓу Хамас и Фатах, останува отворено.

Автор: Себастијан Енгелбрехт/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев