1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел се подготвува за копнена офанзива?

Дојче Веле и Агенции28 декември 2008

Меѓународната заедница е загрижена поради ескалацијата на насилствата во Газа каде постојано расте бројот на жртвите. Израелскиот премиер Ехуд Олмерт најави дека операцијата може да се оддолжи.

https://p.dw.com/p/GOHG
Продолжуваат израелските ракетни напади во ГазаФотографија: AP

Ситуацијата во Газа се заострува. Агенциите јавуваат дека израелски тенкови веќе започнале да се движат кон палестинската територија. Се забележува и зголемување на бројот на војниците. Премиерот Ехуд Олмерт изјави дека не се исклучува и копнена офанзива. Претходно израелската влада на денешната седница донесе одлука за делумна мобилизација на резервисти, којашто според неименувани владини извори ќе достигне до 6500. Олмерт исто така додаде и дека операцијата може да потрае подолго од планираното.

„Операцијата може да потрае одредено време. Ние сме подготвени на болката и тешкотиите коишто може да ги донесе со себе една ваква акција“, рече Олмерт.

Israel Palästinenser Angriff auf Gaza
Меѓу жртвите има и многу цивилиФотографија: AP

Абас ги обвинува Хамас

Од друга страна и лидерот на Хамас, Исмаил Ханија најави дека тие нема да се предадат. „Нема да се предадеме ниту да се повлечеме од оваа територија, па дури и да ја уништат цела Газа.“ Неговиот ривал, палестинскиот претседател Махмуд Абас пак го обвини Хамас дека е виновен за ескалацијата на насилствата во регионот, поради тоа што не сакале да го продолжат шестмесечното примирје. Тој сепак побара:

„Израелската агресија мора брзо да заврши. Мирот мора повторно да се врати овде. Ако вака продолжат да се развиваат работите нема да може да го гарантираме однесувањето на нашите луѓе“, рече Абас.


СБ на ОН повика на итен прекин на насилствата


Советот за безбедност на ОН, по својата седница повика на итен прекин на насилството во регионот.

„Членовите на Советот изразија длабока загриженост поради ескалацијата на насилството во Газа и ги повикуваат двете страни ги прекинат сите воени активности“, се вели во заедничката необврзувачка декларација којашто ја пренесе хрватскиот амбасадор Невен Јурица, чија земја претседава со Советот. Во декларацијата од седницата којашто траеше четири часа зад затворни врати, сепак не се споменува ниту Израел, ниту Хамас. Седницата инаку се одржа на барање на Либија, единствената арапска земја којашто во моментов е членка на ова тело.

Mahmud Abbas Rede in Ramallah Palästinenser
Палестинскиот претседател Абас повика на запирање на насилстватаФотографија: AP

Расте бројот на жртвите

Инаку израелската армија, која втор ден по ред продолжува со воздушните напади соопшти дека до сега гранатирала 230 цели на Хамас во Газа. Според палестински болнички извори, пак досега загинале 280 лица, а неколку стотини се повредени. Израелската министерка за надворешни работи, Ципи Ливни изјави дека се обидуваат да избегнат цивилни жртви.


„Во нашата акција која е насочена против Хамас, се обидуваме да ги избегнеме цивилните жртви иако е тоа тешко. Особено бидејќи Хамас го гранатира Израел од населени места, надевајќи се дека нема да возвратиме со напад на места каде што има цивили“. И Хамас продолжува со ракетни напади врз Израел. Само во последниве 24 часа се истрелани над 70 ракети, при што еден Израелец загина.


Исто така во повеќе места низ светот, претежно во арапскиот дел, се одржуваат демонстрации против израелските напади. Во неколку египетски градови се собраа над 50 000 луѓе коишто бараат прекин на насилствата. Демонстрации имаше и во Ирак и на Западниот брег.