1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Israel Siedlungspolitik

22 јули 2009

Поради спорниот проект на градење населби во Источен Ерусалим, Израел се‘ повеќе е мета на критики во светот. На Израел му се заканува опасност неговите најдобри сојузници да му го откажат пријателството.

https://p.dw.com/p/IvG2
Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон кај Барак Обама

Израел ги губи своите најдобри пријатели. На пример, Барак Обама. Претседателот на САД, најголемата потпора за Израел, сериозно сака да го придвижи мировниот процес со Палестинците. Тој бара запирање на градењето израелски населби во палестинските области на Западниот брег и во арапскиот Источен Ерусалим. Но, владата на Бенјамин Нетанјаху и натаму гради врз палестинска почва, ја одзема и ја анектира.

За да ги омекне Американците, израелскиот премиер нареди демонтирање на неколку улични блокади во Западниот брег и напуштање неколку т.н. „истурени позиции“ надвор од населбите. Тоа не е ништо освен козметика. Бројот на доселеници расте, со знаење и дозвола на владата. Во Западниот брег, окупиран во 1967 година, вклучително Источен Ерусалим, денес живеат околу 500 илјади израелски доселеници.

BdT Baustelle Siedlungen in der West Bank
Доселенички населби на Западниот брегФотографија: AP

Нетанјаху е непопустлив

Нетанјаху сака да ја евреизира земјата западно од Јордан, која ја нарекува Јудеја и Самарија, а палестинските граѓани таму, во најдобар случај, да ги толерира како граѓани од втор ред. Иако пред околу еден месец формално се изјасни за создавање палестинска држава, вистинската цел на Нетанјаху останува суверенитет врз „Голем Израел“, од Средоземното Море до Јордан.

Во оваа смисла, тој им испрати сигнал на САД, дека нема да попушта во спорот околу населбите во Источен Ерусалим. Еврeите мораат да имаат право да живеат и градат низ цел Ерусалим, изјави израелскиот премиер. Неговата аргументација е: ако на Евреите им биде забрането да живеат во одредени квартови на Лондон, Њујорк, Париз или Рим, би се кренал меѓународен протест, као што рече тој неодамна.

Барањата за напуштање на населбите на Западниот брег, Нетанјаху ги смета за дискриминација на Евреите. Кој вака ги искривува историјата и сегашноста, не треба да се чуди ако најдобрите пријатели му го завртат грбот.

Израел оди кон изолација

Најдолниот удар Нетанјаху си го дозволи неодамна, при разговорот со германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајмајер. Во врска со политиката на населување, Нетанјаху на германскиот гостин му рече: Јудеја и Самарија не смеат да бидат етнички чисти, без Евреи. Со тоа го остави својот гостин без збор. Со оваа реченица израелскиот премиер индиректно му префрли на германскиот министер дека неговите барања за запирање на политиката на населување се нацистичка политика.

Ако Нетанјаху продолжи да владее на ваков начин, Израел ќе ги загуби своите најдобри пријатели и тој својата држава ќе ја доведе во изолација. Индиција за ваков развој се изјавите на Рупрехт Поленц, претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот. Тој го предупреди Израел дека му се заканува опасност од постепено самоубиство како демократска држава, ако продолжи со градење нови населби на палестинска територија. Поленц има право. Нетанјаху го прокоцкува својот последен кредит.


Коментар на Себастијан Енгелбрехт

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска