1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ќе преговара со Сирија

Jordanovski, Zoran21 мај 2008

Израел започнува посредни мировни преговори со Сирија. Нема ништо, барем засега, од синоќа најавеното примирје меѓу Израел и радикалната палестинска организација Хамас. Израел предлага поморска блокада на Иран.

https://p.dw.com/p/E3bz
Дипломатска офанзива на повеќе фронтови - израелскиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: AP

На Блискиот исток зад сцена се случуваат повеќе работи, во тек се повеќе паралелни процеси. Агенциите претпладнето ја пренесоа веста дека од бирото на израелскиот премиер Ехуд Олмерт е потврдено оти Израел и Сирија ќе поведат индиректни мировни разговори со посредништво на Турција. Обете страни искажале намери да водат сериозен и продолжен дијалог со цел за склучување мировен договор врз основа на мировната конференција во Мадрид 1991-ва. Преговорите за мир меѓу двете земји беа прекинати пред осум години.


Нема (засега?) примирје со Хамас


Синоќа официјалната египетска агенција Мена јави за наводна согласност на Израел за египетските предлози за примирје со радикално-исламистичката палестинска организација Хамас, која ја има власта во појасот на Газа. Во моментов „не е ништо договорено и ништо потврдено“, изјави за агенцијата Франс-прес портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Ариех Мекел.

„Не знам ништо за некакво примирје“, изјави министерот за пензии Рафи Ејтан за израелското радио. На оваа тема министерот за одбрана Ехуд Барак навистина разговарал во Каиро со египетскиот претседател Хосни Мубарак, но се’ уште не поднесол извештај за преговорите.

Очигледно е дека примирјето, за кое се преговара со египетско посредништво, се’ уште лебди во воздух. Германската агенција ДПА и ги пренесува зборовите на израелскиот владин портпарол Марк Регев дека процесот не е завршен и оти има уште работа што треба да се направи. Според извештаи во египетските медиуми, шефот на тајната служба на таа држава Омар Сулејман и натаму води разговори со претставници на радикални и милитантни палестински групи. Израелски медиуми, пак, тврат дека не може да се смета на израелски одговор пред викендот.


Каде запна согласноста за примирје?


Се чини дека точка на запнување е што Израел бара ослободување или барем привремено преместување во египетски притвор на израелскиот војник Гилад Шалит, кого Хамас го грабна уште во јуни 2006-та и оттогаш го држи во заложништво. Хамас смета дека за неговото ослободување може да стане збор само во рамки на разговори за размена на затвореници. За да се согласи на примирје, инаку, Израел бара и ветување дека ќе биде запрен шверцот на оружје низ тунел на границата со Египет, за Хамас да не го искористи примирјето за ново вооружување.

Според досега познатите информации, примирјето прво би требало да важи половина година и за тоа време милитантните палестински групи не треба да бијат со ракети или минофрлачки гранати врз израелските погранични градови. Израел, за возврат, треба да ги запре своите воени акции во појасот на Газа. Потоа би требало да уследат преговори за размена на затвореници, како и за отворање на граничните премини.


Поморска блокада на Иран за да се откаже од атомската програма


Конечно, во оваа панорама на случувањата се вклопува и денешната информација на израелскиот весник „Хаарец“, дека премиерот Ехуд Олмерт им предложил на САД поморска блокада на Иран со американски воени бродови, како и рестрикции за ирански авиони, и за патување во странство за бизнисмени и високи државни претставници на таа земја, за да се принуди да отстапи од својата атомска програма. Олмерт наводно вчера на оваа тема разговарал во Ерисалим со Ненси Пелоси, претседател на Претставникиот дом на американскиот Конгрес. Портпаролот Регев не сакал да ги потврди наводите на весникот.

►◄