1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИЛА 2006 - манифестација на суперлативи

Лидија Хелер19 мај 2006

Саемот во Берлин е најголема светска изложба на воздухопловна и вселенска техника

https://p.dw.com/p/AeLp
Ербас А 380 на ИЛА во Берлин
Ербас А 380 на ИЛА во БерлинФотографија: AP

Преку илјада фирми од 40 земји учествуваат годинава на Меѓународниот саем на воздухоплови и вселенски летала во Берлин. Изложбената површина е проширена на 250 илјади квадратни метри, а десетте саемски хали и петте површини под отворено небо се докрај исполнети.

„Импресионирам сум од димензиите на овој саем и првенствено од величествената техника што е изложена. Сметам дека манифестацијава е величествена реклама за нашава земја, која покажува какви технологии се одомаќени кај нас, но и дека ние во светот сме пожелно место за саемска презентација“ – рече германскиот сојузен министер за стопанство Михаел Глос, кој во вторникот го отвори саемот.

ИЛА спејс ворлд, најголемата изложба на вселенски летала во светот, годинава презентира ракети-носачи, снимки од европските мисии на Венера и Марс и модел на новиот руски вселенски брод Клипер во оригинална големина. Освен тоа, на ИЛА можат да се видат 340 патнички и воени авиони и хеликоптери од сите величини и категории – повеќе од кога и да е, и на кој и да е ваков саем во светот досега. Презентиран е престижниот објект на европската воздухопловна индустрија Ербас А 380, најголемиот патнички авион во светот, кој како магнет за публиката придонесе и за рекордна посетеност: до недела се очекуваат 230 илјади посетители.

Германската воздухопловна и вселенска индустрија е на курс на пораст, вели Томас Ендерс, претседател на нејзиното здружение: „ИЛА за нас е излог за да покажеме дека Германија, во голем дел интегрирана во европските индустриски структури, и натаму е во светскиот врв во воздухопловството, вселенската и одбранбената технологија. Овде би сакал посебно да уклажам на тоа дека ние сме една од сосем малкуте индустриски бранши во земјава кои со години и натаму бележат пораст“. Само во минатата година настанаа 6400 работни места, пред се’ во браншата на комерцијално воздухопловство, а прометот во индустријата за воздухопловство и вселенски летови порасна за 16 проценти.

Речиси половината од сите излагачи на ИЛА се од Германија, а најголем учесник од странство е Русија, со сопствена хала и со звучни имиња на излагачи како Миг, Сухој или Бериев. „Факт е дека руската и германската, односно европската индустрија во многу области се’ повеќе соработуваат. Тоа важи за воздухопловството и за вселенските летови. Имаме се’ посилно учество на руски фирми во монтажата на Ербаси. Тоа е многу важно за германската и европската индустрија, зашто се надеваме дека со тоа ќе добиеме долгорочен и стабилен партнер, со кого во иднина можеме да оствариме уште поблиска соработка“ – нагласува Ендерс.

Браншата се надева на вносни контакти и деловни договори, оти ИЛА 2006-та со Интернешенел саплаерс сентр за прв пат нуди сопствена платформа и за лиферантската и индустријата за опрема.