1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјада милијарди евра за ЕУ

АТ/ дпа/ афп/ дв20 јуни 2013

При планирањето на финансиите на ЕУ сите страни мораа да направат компромиси. Резултатот: Европската унија во периодот од 2014 до 2020 година би можела да има издатоци во висина од речиси еден билион евра.

https://p.dw.com/p/18tHn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Преговорите беа тешки. Претставниците на владите на ЕУ и Европскиот парламент во Брисел постигнаа согласност, Европската унија во периодот од 2014 до 2020 година да има максимални издатоци во висина од 997 милијарди евра. Во финансиската рамка најголем блок претставуваат издатоците за структурните фондови во корист на посиромашните региони во висина од 325 милијарди евра, потоа доаѓаат аграрните издатоци од 278 милијарди евра.

„Добар ден за Европа“

„Важно е што ја постигнавме оваа спогодба“, изјави ирскиот министер за надворешни работи Ејман Гилмор по преговорите. Тој во моментов претседава со ротирачкото претседателство на Советот на министри на ЕУ. „Мислам дека ова е добар ден за Европа“, дополни Гилимор. Исто така и европскиот комесар за буџет Јануш Левандовски го поздрави компромисот.

Сега 27-те влади и Европскиот парламент треба да дадат согласност за спогодбата што ја постигнаа нивните претставници. Гилимор изрази уверување, дека спогодбата ќе добие мнозинство во парламентот. „Се работи за избалансиран пакет“.

Желбата на пратениците за поголема флексибилност во буџетот пак не наиде на широко отворени врати кај владите, рече Гилимор. Парламентот сакаше, средствата кои ќе останат неискористени да се пренаменат за други буџетски потреби. Гилимор изјави дека оваа флексибилност ќе биде можна во однос на префрлување на средства од една во друга година, но не и за различните буџетски потреби.