1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници Бугари на протести против високите сметки за струја

ЖА/ртре10 февруари 2013

Денеска во повеќе градови на Бугарија илјадници луѓе излегоа на улиците во знак на протест поради високите цени на електричната струја.

https://p.dw.com/p/17bij
Фотографија: DW/E.Daneiko

Бугарите денеска (10.02) излегоа на улиците на десетина поголеми градови протестирајќи против зголемувањето на цената на електричната енергија за 13 отсто, што е во важност уште од јуни минатата година, но незадоволството го искажаа сега, бидејќи, поради студената зима и зголемената потрошувачка, добиле енормно високи сметки.

Извикувајќи ги слоганите „мафија“ и „оставка“ илјадници гневни Бугари излегоа на улиците од Софија, Варна , Благоевград, Пловдив, Бургас и други градови, палејќи ги сметките за струја и барајќи повторна национализација на компанијата за дистрибуција на електричната енергија.

Во Варна, стотици демонстранти го блокираа сообраќајот, а беа запалени две возила на австрискиот енергетски снабдувач EВН.

По поплаките на корисниците, министерот за енергетика, Дељан Добрев, најави проверка на сметките.

Бугарскиот енергетски пазар, инаку, е поделен на три региони, од кои две ги контролираат чешките компании „ЧЕЗ“ и „Енерго-про“ а еден австриската „ЕВН“, кои исто така најавија контрола на сметките за струја. Во земјата со просечна месечна плата од 350 евра, цените на енергијата претставуваат политички експлозив.

Во јули во Бугарија ќе се одржат парламентарни избори. Популарноста на владата на ГЕРБ, на премиерот Бојко Борисов, е во пад поради невработеноста, наметнатите мерки за штедење и енергетската политика.