1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници Кинези го спасуваат Аи Веивеи

13 ноември 2011

Невообичаено за Кина, илјадници граѓани му дојдоа на помош на дисидентот Аи Веивеи, кому државата му наложи да плати голема сума пари за данок. Аи тврди дека целиот случај е политичка пресметка.

https://p.dw.com/p/136QY
Аи ВеивеиФотографија: AP

Илјадници Кинези одлучија финансиски да му помогнат на својот сонародник, уметникот-дисидент Аи Веивеи, кому неодамна властите во Пекинг му наложија да плати данок во висина од 2,4 милиони долари.

Парите на сметка на Веивеи пристигнуваат на сите можни начини, па и со фрлање на пликоа и овошје обвиткано со новчаници во неговиот двор. Симпатизерите на уметникот сметаат дека кинеските власти сакаат на овој начин да го малтретираат.

Ваквите изливи на солидарност се многу ретки во Кина, најчесто поради стравот од одмазда од страна на државата кон оние кои ги поддржуваат владините критичари.

Граѓаните, сепак, гласаат

Наспроти поплавата од симпатии, еден државен весник ги критикуваше донациите, опоменувајќи дека тие би можеле да се сметаат и за нелегални.

Künstler Ai Weiwei China Steuerforderungen
Аи во разговор со даночна службеничка во неговиот домФотографија: AP

Во акцијата досега се вклучиле неколу десетици илјади луѓе, кои му испратиле на Аи помош од над 800 илјади долари.

„Ова покажува дека една група луѓе кои сакаат да го изразат своето мислење, ги користат своите пари за да гласаат“, изјави Аи.

„Ова покажува дека во ерата на интернет, општеството има сопствени судови и сопствени вредности. Луѓето на овој начин ги преиспитуваат обвинувањата дека сум затајувал данок“.

Аи беше уапсен годинава и држен во притвор без обвинение 81 ден, што предизвика протести меѓу уметниците и борците за човекови права ширум светот. Полицијата упадна во неговото студио и ги конфискуваше сите книговодствени книги.

China Kunst Überwachung von Ai Weiwei in Peking
Камери за набљудување пред домот на АиФотографија: dapd

Политичка пресметка

Членовите на неговото семејство тврдат дека властите го казнуваат Аи поради тоа што јавно говорел против комунистичкиот режим и ги истакнувал социјалните проблеми во земјата.

Државните кинески медиуми цитираат анонимни експерти кои најавуваат дека Аи би можел да биде обвинет и за нелегално собирање финансиски средства. Оттаму го обвинуваат уметникот и дека со години не и’ плаќал данок на државата и покрај тоа што заработувал огромни суми со своите изложби во Њујорк, Лондон и Берлин.

Аи потврдува дека е многу богат, но тврди дека целиот случај нема врска со неплаќањето обврски кон државата, туку со обидот тој да биде замолчен. Тој исто така најави дека сите донации од граѓаните ги смета за заем, кој ќе им го врати на донаторите.

Автор: БГ/ап

Редактор: Ж.Ацеска