1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имамите во школска клупа!

16 јануари 2010

Имамите во германските џамии се испраќани од Турција. За да го научат германскиот јазик и германската култура, Службата за миграција и бегалци организира курсеви за нив. Првиот пилот-курс започна во Нирнберг.

https://p.dw.com/p/LWPT
Во германските џамии проповедаат имами од Турција, често без знаење германски јазикФотографија: AP

За посета во некоја џамија во Германија всушност би немало проблеми, да не се јазичните бариери. Особено тогаш, кога човек сака да разговара со раководителот на верската заедница, со имамот. Тие најчесто се испраќани од Турција на три години и обично не знаат ниеден германски збор. По налог на германското министерство за внатрешни работи, Службата за миграција и бегалци започна со посебен курс за германски јазик и интеграција за имамите. Неодамна во Нирнберг беше организиран првиот ваков курс, кој се‘ уште е во фаза на пилот проект. Но, наскоро ваквата понуда за турските имами ќе биде достапна низ целата земја. Какви се искуствата од курсот во Нирнберг?

„Имамите за интеграцијата“

Учесниците на курсот знаат само по некој германски збор. Нивната главна мотивација е да го научат јазикот и германската култура. Зашто, во задачите на имамите спаѓа и помошта во разградувањето на предрасудите и непријателските слики, посредување во конфликтите и обезбедување подобар прием на муслиманите во Германија. За да бидат „наоружани“ за тоа, 130 муслимански проповедници ќе бидат школувани во рамките на проектот: „Имамите за интеграцијата“.

Tag der Offenen Moschee in Berlin Freies Bildformat
Фотографија: picture-alliance/ dpa

На курсот учествуваат и две жени. Од 2006 година Турција испраќа и жени како ополномоштеници за религија во германските џамии. Тие, покрај мажите имами, се задолжени за духовната поткрепа за жените.

На курсот во Нирнберг седат седум учесници, а планирани беа 15, за што раководителот Хакан Алтинок објаснува: „Некои рекоа дека им е предалеку, некои можеби знаат понешто германски или не се заинтересирани, не знам. Имаше откажувања!“

Обемна програма за курсистите

Курсот се одржува четирипати неделно, секогаш претпладне. Во 500 часови учениците покрај предавања за јазикот ја учат и германската култура. Курсот за имамите го води Гете институтот. Ангела Каја од оваа институција истакнува: „Можете да си претставите, имамите освен учењето нормално работат, што значи оптоварени се со дополнителни обврски. Мораат да патуваат, да ги учат зборовите, треба да полагат и испит. Ние сериозно ја сфаќаме работата.“

Курсевите во прва линија се јазични, но не само тоа. Раководителот на курсот Хакан Алтинок наведува уште една друга главна цел: „Да може на германски да се презентира сопствената работа, да се претстави една религиозна заедница, џамијата. Тие на пример треба да можат да објаснат што се‘ прават за духовното згрижување на верниците, како ги надминуваат проблемите, дури и еден дел од проповедта, не целата, да можат да ја држат на германски јазик.“

Tag der offenen Moschee
Фотографија: Driouich Hicham / DW

Освен тоа, планирани се посети во христијанските верски заедници и во општинските служби. Имамите често се првите соговорници за маките и проблемите во верските заедници. Затоа ним треба да им бидат пренесени информации за понудите кои ги имаат советувалиштата на општините, за да можат натамошно да помогнат во решавањето на училишните или брачните проблеми на пример.

Гете институтот во Турција одамна нуди и германски подготвителни курсеви. Но, се испостави дека тоа не е доволно, вели Ангела Каја. Таа е среќна што за партнери во проектот ги има Турската исламска унија и Турскиот конзулат: „Ова би го сфатила како меѓник, процес кој е на почеток. Ме радува што стигнавме довде.“

Пилот проектот на почеток ќе трае три години во Нирнберг и во Келн. Веќе сега постојат планови за негово проширување низ целата држава: „Верските заедници се далеку една од друга и ние веќе размислуваме интензивно за методи на учење на далечина или одделни часови во домашни услови, преку кои ќе можеме да ја прошириме програмата низ целата територија и тоа во трајна форма.“

Автор: Карло Шиндхелм/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска