1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли крај на штрајковите на германските аеродроми?

ЕМФ/дв15 март 2013

Патниците „вријат“ од нервоза, синдикатите се упорни на своето. На аеродромите во Диселдорф и Келн/Бон се штрајкува и денеска (15.03).

https://p.dw.com/p/17yMB
Фотографија: picture-alliance/dpa

На двата аеродрома со работа во 4 часот изутринава престанаа околу 250 контролори на патници, соопшти портпарол на синдикатот Верди. Патниците мора повторно да сметаат со долго чекање и откажани летови.

Од вкупно 609 летови, изутринава во Диселдорф беа откажани 228, од што 183 полетувања и 45 слетувања. На аеродромот Келн/Бон се анулирани 78 летови.

Притисокот треба да се зголеми

На двата аеродрома ова е седми ден штрајкување. Синдикатите го зголемуваат притисокот врз работодавачите пред четвртата рунда од тарифните преговори кои почнуваат во понеделник (18.03). Верди за безбедносниот персонал на аеродромите во покраината Северна Рајна Вестфалија бара значително повеќе пари. Според Верди, персоналот на аеродромите задолжен за обезбедување во најголем дел прима најниски можни плати, односно 8,23 евра бруто за работен час. Синдикатот бара зголемување од 30 проценти.