1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името или идентитетот – за што спорат Македонија и Грција?

БГ/макфакс2 октомври 2013

Група аналитичари и универзитетски професори во Скопје денеска дебатираа за корените на спорот меѓу Македонија и Грција и вистинските причини за него.

https://p.dw.com/p/19sxb
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Името или идентитетот, до каде се границите во спорот за името меѓу Македонија и Грција, дали меѓународната заедница помага или, пак, директно влијае и диктира за епилогот на овој спор, на овие теми дискутираа панелистите на дебатата организирана од МЦМС.

Помирувањето меѓу двете страни е возможно само доколку се признаат историските реалности, односно дали Македонија претставува историска реалност, и дали грчката страна во овој спор ги надминува границите на резолуцијата 817 на ОН и прашањето го поместува на полето на идентитетот, смета универзитетскиот професор, Владо Поповски.

„Не е спорно постоењето на државата, спорно е обраќањето кон таа држава за сите потреби во ОН и во сите меѓународни организации. Во таа насока ако се задржи стриктно на обраќањето во меѓународните односи, тоа значи дека е неприфатлива идејата која директно може да интервенира во идентитетот. Не може да се изгуби идентитетот, да постои Република Македонија како држава. За мене е прифатливо додавањето на географска одредница, доколку тоа е прифатливо за двете страни, но под услов дека втората страна ги исполнува сите обврски во однос на резолуцијата 817, и тука би било плафонирано или цементирано согласувањето“, вели Поповски.

За амбасадорот Ристо Никовски, пак, целта во овој спор никогаш не било името на државата, туку токму идентитетот, а вината за ова не смее да се припише само кон Грција, туку и кон светските центри. Македонија не смее да се откаже од сопствениот идентитет, за сметка на европскиот, вели тој.

„Нема европски заеднички идентитет. Ние да се жртвуваме за тоа да станеме дел од европскиот идентитет е погубно. Целта во овој спор, пак, никогаш не беше името, туку беше идентитетот на народот“, вели Никовски, посочувајќи дека покрај во Атина, вината треба да се бара и кај Вашингтон и Брисел, како главни кочничари, како што вели тој, за интеграциите во НАТО и ЕУ.

Professor Vlado Popovski
Професорот Владо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Странските центри не треба да влијаат во тоа како Македонија внатрешно ќе се дефинира себеси по овие прашања, а за тоа треба да одлучат сите, вели универзитетскиот професор Стево Пендаровски.

„Македонците и Албанците мораат самите, без странски инпут да седнат и да договорат што е државата, што е нејзиниот супстрат, што е нација односно народ. За тоа што е македонски народ, тоа мора да биде ексклузива на Македонците, само тие имаат право да кажат кои се и што се, но за супстратот на државата мора да се запрашаат сите што живеат тука“, смета Пендаровски, според кого прашањето за идентитетот всушност е покренато одвнатре.

„За идентитетот се разговара само ако самите сакате да разговарате за тоа, ако некој побарал гаранции за идентитетот. Од пред Букурешкиот самит, кога почнаа да се формулираат некои имиња како можна замена, во тој момент некој од тука, не обвинувам никој, но некој рече - добро ако го смениме тоа, што е со другите работи“, додава Пендаровски.

Додека грчките црвени линии во спорот се многу, и одамна познати, она што македонската јавност сe’ уште не го знае е која е всушност македонската црвена линија, и ова е дополнителен проблем според социологот Петар Атанасов. Според него Македонија има една црвена линија која јавноста не ја знае, а тоа истовремено ја отежнува ситуацијата бидејќи има многу лица кои се спремни да помогнат со дискусии и дебати за ова, но со ваквиот пристап ова е оневозможено.