1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името не треба да е пречка за ЕУ

Тони Гламчевски24 јануари 2008

Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, задолжена за следење на обврските на земјите членки, смета дека Македонија постигнала „значаен напредок“.

https://p.dw.com/p/Cx72
Зградата на Советот на ЕвропаФотографија: picture-alliance/ dpa

Македонија направи „огромни напори“ во исполнувањето на нејзините меѓународни обврски. Таа има постигнато и „значен напредок“ во изборниот процес, правната, судската и полициската сфера и во усвојувањето на речиси целото законодавство предвидено со Охридскиот договор. Ова се главните оценки изнесени во извештајот на Мониторинг комисијата на Параламентарното Собрание на Советот на Европа.

Потребни се реформи на дело

Во момент кога Македонија се наоѓа на важен крстопат на својата внатрешна, регионална и европска еволуција, Комисијата на ПС на СЕ и‘ советува да ги зацврсти фундаменталните и структурални реформи. На прво место на дело треба да се спроведе Охридскиот процес и реформите поврзани со преговорите за членство во Европската Унија. На Македонија итно и‘ се потребни поефикасни мерки со кои ќе се гарантира долгорочната одржливост на реформскиот процес.

Главниот предизвик, кој мораат да го наминат одговорните лица во Македонија е да се осигураат дека краткорочните интереси на политичките партии и политичките ривалства во парламентот, не и‘ штетат на ефикасноста на демократските институции. На политичарите им се советува да покажат одговорност на административен, правен и судски план.

Реална слика

Оливер Шамбевски, шеф на македонската собраниска делегација при ПС на СЕ и член на Мониторинг-комисијата, усвоениот извештај го оценува како објективен и објаснува:

„Во самиот извештај има работи кои што се реално отсликани, како на пример барањето да се донесе колку што е можно побрзо нов деловник во Собранието на Република Македонија. Потоа, има дел кој што упатува на поголем степен на дијалог, тоа е рефлексија на едно време кое е веќе надминато во кое се повикува владата да вложи поголеми напори, а опозицијата да има „сенс“ кон националните интереси на државата и да не опструира по секоја цена, итн.“

Според изготвувачот на извештајот, германскиот парламентарец Едуард Линтнер, Македонија мора да покаже напредок и видливи резултати во спроведувањето на дело на реформите, бидејќи не е доволно да се донесе еден или друг закон под притисок на меѓународната заедница. Таа треба да има и видливи резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Ќе биде ли укинат мониторингот за Македонија?

Иако се советува годинава да продолжи пост-мониторинг дијалогот со Македонија се‘ додека не се добијат сигурни гаранции дека ќе бидат спроведени на дело реформите, постојат можности тој да биде укинат.

„Препораката на мониторингот е да престане пост-мониторинг процедурата кон Република Македонија. Ние се надеваме дека во 2008 тоа ќе ни успее. И, во секој случај ќе работиме на тоа.“ – вели Шамбевски.

Инаку, известувачот освен на насловната страна на извештајот каде го користи привременото име, во целиот извештај поради практични причини се служи само со терминот Македонија. Тоа не го спречи да оцени дека „секоја држава треба слободно да си го избира своето име“ и дека проблемот со името на Македонија не би требало да претставува пречка за отворање на преговори за членство во Европската Унија. Линтнер, притоа жали што аеродромот на Скопје бил преименуван во „Александар Велики“, што покрај провокацијата прави збрка со аеродормот „Мегас Александрос“ во Кавала на северот од Грција.