1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името стана непишан критериум

Александар Чомовски14 август 2008

Нема напредок во грчко-македонскиот спор. До неговото решавање, се чини дека евро-атлантскиот приоритет на Македонија најверојатно ќе остане замрзнат.

https://p.dw.com/p/Ex8D
Преговарачката тројка Димитров, Василакис и Нимиц на средбата во ОхридФотографија: MIA

Во Букурешт Грција стави вето, со што Македонија не стана дел од Јадранската тројка што САД ја протежираа во Алијансата. Успеаа само Хрватска и Албанија. Медијаторот на ОН ги обнови интензивните преговори со охридската средба.

„Од министерот и од амбасадорот Димитров беа предложени посебни иницијативи и договори“ – објави Нимиц во Охрид.

На маргините од оваа средба, министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски иницира државен договор за добрососедство со Грција и предложи историчари и интелектуалци да дебатираат за историските факти околу Македонија. Но, овие иницијативи Атина експресно ги одби. Од Охрид до преговорите во Њујорк, Нимиц најмалку десетина пати разговараше со властите во Скопје и Атина. Пред самитот на НАТО, македонската влада го прифати неговиот предлог Републија Македонија – Скопје, што беше блиску до барањето на Грција новото име да има географска одредница што ќе ја разликува државата од поделената област Македонија. Македонскиот државен врв беше расположен и за имињата Демократска република Македонија или Нова република Македонија, што во еден пакет од пет алтернативи Нимиц и САД ги предложија пред самитот во Букурешт.

Skopje,Ulica Makedonija
Република Македонија - Скопје?Фотографија: DW

По средбата на НАТО, претседателот Буш и Стејт департментот иницираа и потпишаа договор за специјални односи со Македонија, што се доживеа како привремена сатисфакција за неуспехот доживеан на Самитот. Но, Вашингтон внесе нова енергија да се постигне нов договор околу името пред јулскиот самит на НАТО. И генералниот секретар на Алијансата, Шефер, допатува во експресни посети на Атина и Скопје. Имам разбирање за чувствата, рече генералниот секретар во Скопје.

„Може да ми се лутите, но без компромис, нема членство во НАТО“ – кажа Шефер во Скопје. Дури и со недипломатски речник им го објасни тоа и на Груевски и на Црвенковски.

Застој во грчко-македонските релации предизвикаа и предвремените вонредни избори во Македонија.

„Сите ние сакаме земјата да влезе во НАТО и ќе се бориме до последен момент. Меѓутоа, се` има своја цена и затоа велам, црвената линија не смееме да ја заборавиме“ – рече Груевски на предизборната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ.

Во новата влада со ДУИ, Груевски ја доби поддршката на Ахмети. ДУИ останува на одбрана на уставното име, потврди лидерот по изборот на новиот владин кабинет.

NATO lädt Kroatien und Albanien offiziell zum Beitritt ein
Центарот на Тирана по добивањето покана за членство во НАТОФотографија: picture-alliance/ dpa

По изборите, се огласи и македонскиот претседател Црвенковски:

„Со предвремените избори, меѓу другото, и` дадовме можност на Грција секогаш да има изговор, ако сака да ги одложи преговорите“.

Со оценката на претседателот Црвенковски, во врска со лошо спроведените избори и рефлексиите во преговарачката позиција со Грција, се согласува и лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска.

„Ние на Грците им подаривме ужасно организирани избори кои сега секогаш ќе ги користат како аргумент против нашето членство во НАТО и ЕУ“ – изјави Шеќеринска.

Старо-новиот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски, не можеше да го избегне изборот на новата влада без одговор и детекција дали и кога би можеле да се надминат грчко-македонските разлики во спорот со името.

„Нема да не изненади доколку Атина и овојпат се одлучи да продолжи со политиката на блокирање, а пред се` предизвикана од сопствените внатрешно-политичките случувања“ – истакна Милошоски.

Во меѓувреме, тензичната нетрпеливост меѓу претседателот и премиерот и нивната недоверба го предизвика Груевски кон амбасадорот Димитров, како преговарач да го вклучи и младиот Протуѓер, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и човек од висока доверба кај него. Новата историја на грчко-македонските преговори ја вклучи и идејата на власта да се распише референдум, доколку треба да дојде до евентуална промена на името.

Аналитичарите и универзитетски професори Жидаз Даскаловски и Јован Кикеновски јавно спореа:

„Ако некој сакаше да има референдум, имаше можност да побара спроведување на референдум во текот на изминатите две години“

„Ако дојдеме до ситуација да бираме идентитет, република Македонија, Македонци или нешто друго – многу е логично да одиме на референдум“.

Gruevski Statement.jpg
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: DW/MIA

Македонската влада го промовира патриотизмот како нова преговарачка позиција. Груевски го отвори егејското прашање и враќањето на имотот на протераните Егејци. Деновиве во интензивната преписка со светските лидери им го објаснуваше барањето за заштита на националниот идентитет на Македонија, вклучувајќи го и признавањето на Македонската православна црква, за што му пиша и на медијаторот Нимиц. Но, очигледно е дека без решавање на спорот со името, евро-атлантскиот приоритет на Македонија ќе биде замрзнат. Сега името стана и непишано, деветто дополнително барање и критериум од Брисел во преговорите со Европската унија.