1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имиџот на Германците во светот - почитувани, но не и сакани

Волфганг Дик / Александар Методијев25 март 2013

Погледот на Германците во многу земји се промени со тоа како Германија се справува со светската финансиска криза и со кризата во еврозоната. Актуелниот имиџ на Германците е меѓу клишеа и изненадувања.

https://p.dw.com/p/183iV
Фотографија: Bilderbox

Премногу доминантни, премногу предупредувачки, премногу нетрпеливи, сезнајковци, бесчувствителни и егоцентрични – вака се гледани Германците во моментов не само во јужноевропските земји како Грција, Италија и Шпанија. Негативни впечатоци има насекаде низ светот, дури и во земји во кои Германија традиционално уживала висока репутација.

Тоа го потврдуваат и германските дописници од 15 земји, кои искуствата со имиџот на Германците ги собраа во книгата „Така не’ гледа светот“. Секако дека нивните наоди не се репрезентативни, но тие се засновани на многу разговори и средби со обични граѓани и претставници на т.н. елита, а новинарите ги собирале тие наоди со години и на терен во земјите.

Griechenland Proteste Merkel-Besuch
Фотографија од протести во Грција на која канцеларката Ангела Меркел се изедначува со Адолф ХитлерФотографија: picture-alliance/dpa

„Ние сме почитувани, ама не и омилени“, вели Хани Хиш, која во минатите години работеше како дописник од САД за германската телевизија АРД. Таа го нагласува она што нејзините колеги од другите земји го потврдуваат. Изненадување е што лошите особини, кои им се припишуваат на Германците, немаат посебно негативни ефекти, бидејќи преовладува восхитот од нивните позитивни страни.

Менување на сликата за Германците

И покрај сите критички тонови, Германците ширум светот се опишуваат како вредни, дициплинирани, многу добро организирани и високо продуктивни. Таков опис даваат дури и Италијанците и Грците, кои незадоволството од барањата на сојузната германска влада за излез од еврокризата го изразуваат со излегување на демонстрации во Атина со кукла со ликот на канцеларката Меркел облечена во нацистичка униформа.

Bevölkerung Gelsenkirchen
Германците низ светот се опишуваат како вредни, дициплинирани, многу добро организирани и високо продуктивниФотографија: ddp images/AP Photo/Martin Meissner

„Грците ги почитуваат постигнувањата и доблестите на Германците, кои им дозволуваат полесно да ја пребродат кризата“, вели грчкиот новинар Јанис Пападимитриу. Тој информира и за нова тенденција на посмирени тонови. „Во меѓувреме ќе се разбере дека Германија не сака да ја остави Грција да пропадне“, додава Пападимитриу.

Во многу конфликти Германците дипломатски се воздржуваа или, пак, нудеа поддршка и помош на минимално ниво. Откако германските политичари заземаа јасни позиции во еврокризата и почнаа да ги бранат, нивниот профил стана политички јасен и гласен. Тоа Германија и Германците ги направи поатрактивни, велат дописниците во однос на впечатоците во многу земји.

Разочарувања во некои делови од светот

„Во Кина сметаме дека Германија е извонредна, бидејќи оваа земја има создадено толку многу филозофи, музичари и научници. За жал, Германците не се заинтересирани и толку многу интернационално ориентирани. Германците премногу се вкоренети во законски регулативи и се помалку способни проблемите да ги решаваат неформално и на лично ниво“, оценува Ернинг Жу, која работи за кинеската редакција во Дојче веле.

Разочарани се и многу Бразилци. Нивната земја во последните години има неверојатно позитивен развој. Но, германската канцеларка го посети Бразил само еднаш. Во исто време, се забележува дека канцеларката патувала шестпати во Кина.

Сликата на Германците во Турција, пак, е многу различна, бидејќи многу турски фамилии живеат и работат во Германија. Затоа постојат големи и пријателски врски и чувства со многу германски граѓани. Односот кон политичарите е поинаков. Убиствата на Турци од страна на неонацисти и начинот на кој одговорните се справија со тоа внесе вознемиреност меѓу Турците. Потешкотии прави и одбивањето на полноправното членство на Турција во ЕУ.

Zypern Schuldenkrise Proteste Zwangsabgabe Rettungsdeal
Германија почна поактивно да се ангажира на меѓународна сцена со обидите за разрешување на економската криза. Ликот на канцеларката Меркел се најде на бројни протести на незадоволните од мерките за штедењеФотографија: Reuters

„Турција станува рамнодушна кон Германците и Истанбул гради економски врски со Азија и арапскиот свет“, вели дописникот Јирген Готшлих.

Како економска сила Германија со години е далеку пред други земји. Но, што е со човечката страна на нејзините граѓани? Книгата на дописниците беше прв обид по многу години да се пронајдат некои одговори.