1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050809 Iran Gefangene

5 август 2009

Денеска повторно избраниот претседател на Иран е свечено инаугуриран во парламентот. Церемонијата доаѓа на датум, што е многу важен во историјата на Иран.

https://p.dw.com/p/J3XG
Старо-новиот претседател АхмадинеџадФотографија: AP

На овој ден, пред 103 години, тогашниот крал дозволи формирање на првото „советодавно собрание“ - фактички првиот ирански парламент. Но, борбата на иранскиот народ за демократија и политички слободи и ден-денес не е завршена. Тоа го покажуваат постапките на властите во Техеран кон политичките затвореници, по јунските избори за претседател на државата. Наместо посакуваните граѓански права и слободни избори Иранците се соочени со монтирани процеси против политички затвореници.

Така, на викендот, околу 100 учесници на демонстрациите по спорните претседателски избори во јуни беа изведени пред Револуционерен суд, под обвинение дека биле изманипулирани од странство и дека работеле на уривање на исламската република. Во судската сала немаше ниту еден адвокат на обвинетите, но затоа беа присутни камерите на државната телевизија. Во исто време, низ целата земја беа проширени вестите за наводни признанија на обвинетите, што според извори на опозицијата, биле изнудени со страшни методи на измачување. Најблиските на обвинетите сведочат на следниот начин: „Татко ми, кој е тешко хендикепиран, морал да стои долго на сонце, потоа го вратиле во самицата и врз него фрлиле коцки мраз. Мајка ми е лекарка и последниот пат кога имаше прилика да го посети и да го прегледа, татко ми имаше силна аритмија на срцето и плачеше сето време“ , раскажува ќерката на Саед Хаѓаријан.

Iran Pressekonferenz von Präsident Mahmoud Ahmadinedschad in Teheran
Каде одиш, Иран? Ахмадинеџад на прес-конференцијаФотографија: AP

Тој веќе беше жртва на обид за убиство во 2000 година, но преживеа со тешки повреди. Причина за атентатот беа неговите откритија за серија убиства на ирански интелектуалци по налог на владата, извршени кон крајот на 90-те години. Саед Хаѓаријан е сега целосно упатен на медицинска нега и речиси не е во состојба да зборува. По спорните избори, меѓутоа, и тој беше уапсен. Зошто? Неговата ќерка Зеинаб е уверена: „Секој знае во каква состојба е татко ми. Тие само сакаат да ја довршат работата што ја почнаа тогаш со атентатот врз него и да го убијат!“

Непријатели на исламската република?

И Саед Хаѓаријан се наоѓа под обвинение дека ја загрозил националната безбедност. Меѓу вкупно двете илјади обвинети се наоѓаат и угледни политичари од таборот на реформските сили, како на пример поранешниот заменик-претседател на парламентот, Мохамед Али Абтахи. Неговиот адвокат не добил дозвола да влезе во судницата: „Саботата претпладне, некаде околу 11 часот, бев информиран дека мојот штитеник ќе се најде пред суд. Половина час подоцна бев таму, но не ме пуштија во салата. И да влезев, што ќе можев да сторам? Него досега не смеам да го видам, а ни обвинението не сум го видел.“

Iran 17_07_2009
Долг е уште патот до демократија: приврзаници на опозицијата демонстрираат против спорните претседателски избориФотографија: AP

Изнудени признанија

Иранските правосудни органи тврдеа на почетокот од судскиот процес дека обвинетите признале се’, имено дека биле во контакт со странски служби и дека работеле на уривање на исламската република. Во признанието тие наводно тврделе и дека обвиненијата за манипулации на претседателските избори биле лажни и зажалиле што учествувале во уличните демонстрации по нив. Поразениот кандидат на изборите Мир Хосеин Мусави на неговата интернет страница порача дека призанијата биле изнудени со средновековни методи на измачување. Тоа го тврди и семејството на Мустафа Тајзадех, поранешниот заменик министер за внатрешни работи на Иран од времето на претседателот Катами. Неговата сопруга нагласува дека тој ги подготвил на ваков случај: „Со него живеам веќе 30 години и нема никогаш да прифатам вакви изјави. Мустафа секогаш ни‘ велеше: ако завршам в затвор и ако потоа нешто наводно тврдам, да знаете дека вистината е токму спротивна од тоа“, нагласува сопругата на Мустафа Тајзадех, Мохташамипур.

Автор: Шабнам Нуријан / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска