1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индија и нејзиното економско чудо: кој профитира?

2 мај 2006

Саемот во Хановер што завршува утре е најголемиот и најважен саем на индустријата. Земја партнер годинава беше Индија, заедно го отворија премиерот на оваа земја Манмохан Синг и германската канцеларка Ангела Меркел. Од 1991 година Индија следи курс на интеграција со светските пазари.

https://p.dw.com/p/AeLw
Се се модернизира, но кој профитира? Модна ревија во Делхи.
Се се модернизира, но кој профитира? Модна ревија во Делхи.Фотографија: AP

Токму сегашниот премиер Синг, тогашен министер за стопанство важи за таткото на индиското економско чудо кое годишно достигнува стапки на растеж од 6 до 7 проценти. Но, дали баш се е толку сјајно? Со индискиот економист Си.Ти.Куриен разговараше Кристоф Флајшман:

Кога се возите со моторна рикша низ Бангалоре, едноставно не можат да не се видат сигналите на подобрување: модерни центри за купување, нови интернет-кафулиња, претставништва на големи меѓународни фирми, меѓу нив и Бош, Сименс или БМВ. Има многу повеќе телефонски приклучоци, мобилни телефони и автомобили од пред 15 години. Економистот Си.Ти. Куриен го формираше реномираниот Институт за развојни студии во Мадрас, а сега ги минува пензинерските денови во компјутерската метропола Бангалоре. Сепак, не е многу одушевен од економскиот растеж. Според него, економските рефрорми не им донесоа многу на мнозинството Индуси:

„Како да проценам дали мнозинството профитира или не? Јас би рекол: дали сега подобро се хранат? За жал, одговорот на тоа прашање е - не. Само наликува дека има благосостојба. Има повеќе стоки, а во градовите поголема вработеност. Но, во внатрешноста, ништо слично„.

Скоро две третини од индискиот бруто-нациоинален производ го обезбедуваат услужните дејности: западните фирми го префрлија во Индија своето производство на софтвер или одделенијата за водење книговодство. Од тоа профитираат добро образованите Индуси од градската средна класа. Меѓутоа, 70 насто Индуси се уште живеат на село. Таму светот не изгледа многу поинаков отколку пред 15 години, ако не и полошо, оценува Куриен:

„Се зголеми неисхранетоста. Можеме да кажеме дека се намалија бројките на сиромаштијата, зашто таа се мери со приходите. Но, што ако едно семејство од тие приходи 30 насто мора да даде за превоз, 20 или 10 за облека? Замислете си семејство што живее на границата на сиромаштијата. Заработуваат повеќе пари, а јадат помалку. Тоа веќе се случува. Сериозните студии потврдуваат дека се зголемува неисхранетоста„.

Владата на Нарасима Рао во 1991 година се ангажираше за интеграција на светскиот пазар: одржување на нискиот курс на рупијата за да се помага извозот, отстранување на ограничувањата за увоз, поодршка на здружените фирми и намалување на даноците на приходите и на фирмите, за да се привлече странски капитал. Куриен критикува што на тој начин му се олеснија работите на странскиот капитал. Индиската влада мораше да издржи на тоа инвестициите од странство вистински да се искористат во земјата:

„Кога ја отворивме економијата, Нарасима Рао беше премиер. Тој одеше во Јапонија за да привлече капитал. Едно од правилата во тоа време беше: старнскиот капитал смее да излезе дури откако претходно ќе генерира извоз. Кога Рао беше во Јапонија, јапонските бизнисмени рекоа: тоа не го разбираме. Ако инвестираме, тогаш веднаш сакаме профитот да го префрлиме во Јапонија. Рао нареди ова правило, овој услов, да се укине. И тоа во време кога нашиот главен проблем беа девизните резерви„!

Освен тоа, Куриен бара поголем ангажман во социјалната политика за од економскиот растеж да профитираат колку што е можно повеќе Индуси:

„Неопходни се поголеми јавни инвестиции, како во подрачјето на производството на храна, така и во здравството„.

Во почетокот на февруари стапи во сила закон со кој на невработените сиромашни им се гаранират 100 дена вработување. Амбициозна програма што ќе го чини буџетот 5 ипол милијарди евра. Критичарите страхуваат дека ќе има проблеми да се обезбедат толку пари. Поради политиката на намалување на даноците, Индија има една од најниските даночни стапки во светот, многу под просекот на ОЕЦД. Во меѓувреме се признава дека тоа е проблем: ако сите Индуси треба да профитираат од растежот, тогаш државата мора да има повеќе пари на располагање.