1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индустриските и земјите во забрзан подем имаат заеднички интереси во кризата

14 ноември 2011

Земјите во забрзан подем во рамките на Г20 долго време важеа за мотор на глобалната конјунктура. Државите како Кина, Бразил или Индија бележеа феноменални стапки на пораст. Но, глобалната должничка криза ги стигна и нив.

https://p.dw.com/p/136O0
Фотографија: Fotolia/Light Impression

Нивната улога во светската економија во последната деценија растеше континуирано. Државите на БРИК, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, мерено според брутодомашниот производ, денес им припаѓаат на дванаесетте најголеми светски економии и заедно имаат речиси 25 проценти од светскиот економски учинок. Значи, не е чудо што земјите во забрзан подем, како Кина, Бразил или Индија, појасно од порано ги насочуваат своите барања за регулација на должничката криза на адреса на Европејците. На крајот на краиштата, доколку се скршне во светска рецесија, загрозен би бил и нивниот подем.

„’Заразувањето’ со кризата веќе сега е релативно големо во земјите во забрзан подем. Тоа важи како за пазарите на акции, така и за валутите и цените на обврзниците во овие земји, и тоа независно од основните податоци и перспективи за развој на одделните држави“, вели Марија Ланцени, раководител на одделот за истражување на пазарите во развој во Дојче банк.

Затоа, земјите во забрзан развој во рамки на Групата 20 се обидуваа уште пред самитот во Кан да го стават во игра Меѓународниот монетарен фонд. Според планот, ММФ така би требало да стане поефикасен и да бидат поддржани напорите на еврозоната за одбрана од кризата. На пример, ММФ би можел во иднина да купува обврзници од презадолжените држави и да им ги предава на земјите во забрзан подем. Тие така би и‘ помогнале на Европа, без да мораат да купуваат директно државни обврзници од земјите во криза. Предноста притоа би била што државите во забрзан подем на тој начин би избегнале опасност од загуби.

IWF Internationaler Währungsfonds Logo Washington
Како ММФ да стане поефикасен?Фотографија: picture-alliance/dpa

Хериберт Дитер, експерт за глобални финансиски прашања во Фондацијата наука и политика, смета дека ваквиот предлог е малку практичен. „Зголемување на ликвидност - тоа го може и треба да го прави ММФ, но да се понесе товар од простување долгови за Грција, е нешто што во САД ќе наиде на несогласување и е провиден маневар, што нема да ни‘ помогне натаму во дискусијата.“

Опасност од зависност

Маневар, со кој земјите во забрзан подем би сакале да го зголемат пред се‘ своето влијание во ММФ. Експертите за финансиски пазари, како Марија Ланцени, сметаат дека ММФ би можел повеќе да помогне за надминување на кризата со тоа што би се надминал актуелниот теснец во поглед на ликвидноста:

Wirtschaft Symbolbild Aufschwung Börse Kurven
Фотографија: Fotolia/Kit Wai Chan

„Глобално, ММФ би можел да помогне преку флексибилни кредитни линии, при кои земјите би добивале кредити без натамошни услови. Тоа веќе е направено успешно во случаите на Мексико, Полска и Колумбија во 2009 година и тоа би можело да биде урнек за идни решенија.“

Од таканаречените земји во забрзан подем досега како спасител во евро-кризата се понуди само Кина. Земјата, која како што се проценува има огромни монетарни резерви во висина од околу три илјади милијарди американски долари, се чини е во основа подготвена да вложи дел од овие пари за купување државни обврзници, доколку се тие ’обезбедени’ од страна на ММФ и Европската централна банка.

Но, вакви финансиски инјекции, како што оценува Хериберт Дитер, кријат и опасност Европа да почне да станува силно зависна, слично како САД: „Американците многу години ја играат оваа игра, зависни се од кинески капитал. Кина е најголем доверител на САД. Се сомневам дека и Европејците би го сакале истото.“

Добри намери, малку резултати

Герхард Шик е експерт за финансиски пазари на пратеничката група на Зелените во Бундестагот. Тој укажува дека уште во кризата во 2008 година, по банкротот на Лиман, Групата 20 се договори околу добар старт на регулирање на финансиските пазари, но во меѓувреме се случи многу малку. На пример - планираното оданочување на финансиски трансакции во цел свет, на што се спротивставуваат пред се‘ САД и Велика Британија: „Еден од чекорите би бил да се напредува во делот на данокот на трансакции. Втор важен пункт е регулирање на ’банките во сенка’, значи Хеџ-фондовите и Друштвата со специјална инвестициска цел, кои исто така придонесуваат за нестабилност. За да се постигне напредок во добрите намери од 2008 година, потребна е и нова иницијатива на меѓународната заедница во делот на даночни прашања кои имаат врска со банкарската тајна.“

Symbolbild Wirtschaftkrise
Ако земјите во забрзан подем ја избегнат кризата, тоа би било добро и за еврозоната и за САДФотографија: Fotolia/apust

Експертите како Марија Ланцени укажуваат дека барањата на земјите во забрзан подем до индустриските земји да се дојде до брзо решение на должничката криза, се во обостран интерес:

„Конечно, има јасни повратни ефекти. Во рамките на паритетот на куповна моќ, земјите во забрзан подем веќе сега чинат половина од светската економија. Оттука, ако земјите во забрзан подем ја избегнат кризата, тоа би било добро и за еврозоната и за САД.“

Автор: Даниел Шешкевиц/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска