1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иницијатива за поедноставување на изборот на шеф на државата

Александар Чомовски23 септември 2008

Владата иницира уставни промени во врска со изборот на претседател на државата. Премиерот демантира дека со ДУИ разговарал за тоа Албанците да го поддржат претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/FNew
Премиерот Никола Груевски најавува промени во уставотФотографија: DW/MIA

Идната година во Македонија ќе се одржат истовремено претседателски и локални избори, а на 16 октомври Собранието ќе расправа за промена на Уставот на Македонија.

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска соопшти дека

владата подготвува промени, со кои идниот шеф на државата и натаму ќе се избира на непосредни избори, но во трката во вториот изборен круг би победил оној претседателски кандидат, што ќе освои барем еден глас повеќе, без оглед на тоа колку граѓани излегле на гласање. Тоа значи дека претседателот на Македонија би можел да биде избран и во случај на изборите да не излезат најмалку 50 проценти од запишаните избирачи, како што беше случај досега. Толку беше потребно за да биде избран актуелниот шеф на државата Бранко Црвенковски.

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien
Што ќе решат пратеницитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Според планираните промени, дури и во случај да излезат помалку избирачи, затоа што некои апсистинираат, изборот би бил важечки.

Откажување од идејата за избор на претседател во Парламентот

Владата се откажа од првобитната идеја, идниот шеф на државата да се избира од страна на Парламентот. Дали уставните промени ќе завршат само со измена на членот од уставот за избор на шеф на државата, премиерот Груевски денеска не прецизираше.

„Досега речиси да нема претседателски избори во историјата на Македонија, непосредни како што се овие, на кои што во вториот круг немало сериозни проблеми, полнење на кутии и слично,“ изјави премиерот.

Груевски рече дека со ДУИ засега не разговарале за тоа дали Албанците би поддржале кандидат за претседател од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Досегашните први луѓе во државата, особено претседателите Трајковски и Црвенковски, беа избирани во вториот круг, но со често нерегуларно гласање од албанскиот електорат, без оглед дали виновник за тоа беше ДПА или ДУИ.

Идеја за потпретседателско место?

Во врска со измена на процедурата за избор на претседател на државата, лидерот на ДУИ Али Ахмети неодамна не исклучи можност претседателот да се избира од страна на Парламентот. Тогаш лидерот на ДУИ идејата ја бранеше со економски причини, да не се трошат пари за кампања и гласање, зашто тие би можеле да бидат трошени за изградба на пример на болница или детска градинка. Сепак, не е исклучено Албанците да иницираат и воведување потпретседателска функција во државата, која по автоматизам би им припаѓала на Албанците во Македонија. Тоа инаку е стара идеја што прв ја иницираше Арбен Џафери, екс лидер на ДПА пред седум –осум години.