1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инспекторите од ОН во Сирија земале примероци за анализа на отровен гас

Александар Методијев/ројтерс/афп/дпа26 август 2013

Тимот инспектори од ОН за хемиско оружје се врати во својот хотел во Дамаск, откако посети едно од местата на кои постојат сомневања дека е употребен боен отров за напад, информира новинската агенција Ројтерс.

https://p.dw.com/p/19WLO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Конвојот од шест возила бил во Моуадамија, предгарие на Дамаск, каде инспекторите посетиле и проверувале повредени лица, и земале примероци за анализа. Инспекторите оствариле и средба со доктори од Црвената полумесечина во тој дел од градот. Тоа го покажува и видео снимка објавена на интернет.

„Инспекторите успеаја да влезат во предградието со цивилите, а го посетија и центарот на Црвената полумесечина, каде се сретнаа со докторите“, изјави преку Скајп за агенцијата АФП Абу Надим, активист од Дамаск. Тој додаде дека инспекторите носеле шлемови и панцири.

Syrien Tauben sind mutmaßlich von Giftgas getötet worden
Активистите од опозицијата како доказ за употреба на отровен гас го посочуваат и угинувањето на животнитеФотографија: Reuters

На патот кон предградието конвојот од ОН бил нападнат со снајперски истрели. Во инцидентот едно возило било сериозно оштетено, но никој од патниците во него не бил повреден. Опозициските активисти ги обвинија лицата блиски до претседателот Асад за пукањето кон конвојот со инспектори од ОН.

Сириските власти во саботата дадоа зелено светло за посета на земјата и истрага од страна на експертите од ОН. Одобрението стаса четири дена по обвинувањата дека властите извршиле напад со хемиско оружје врз опозициските групи, при што биле убиени стотици цивили. Мисијата на ОН има за задача да утврди дали нависитна било употребено хемиско оружје во нападот, но не и да констатира кој е одговорен за некој напад. Сириските власти ја отфрлаат одговорноста и ги обвинуваат опозициските бунтовници за користење на хемиско оружје.

Овој инцидент го подигна притисокот и обвинувањата што стигнуваат на адреса на претседателот Башар ал-Асад од страна на западните земји. Дел од нив се залагаат за воена интервенција во Сирија. Подвлекувајќи ги дипломатските потешкотии за постигнување меѓународен договор, француските власти оценија дека Русија и Кина веројатно ќе стават вето на обидот за напад на Асад. Велика Британија, пак, смета дека е невозможно да се одговори на нападот со хемиско оружје без да се има поддршка од Советот за безбедност.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги нарече „хистерија“ извештаите за напад со хемиско оружје во Сирија. Тој смета дека инцидентот е предизвикан од бунтовниците.

Russland Außenminister Lawrow
Сергеј Лавров предупредува на кршење на меѓународното правоФотографија: imago stock&people

„Многу аналитичари се прашуваат поради која причина сириската влада би користеле хемиско оружје во такви услови“, изјави Лавров.

Тој ги предупреди западните сили дека секоја воена интервенција во Сирија, без мандат од ОН, ќе биде прекршување на меѓународното право. Лавров рече дека Вашингтон и неговите сојузници ќе ги повторат „грешките од минатото“ ако интервенираат во Сирија.

И Италија денеска ги повика меѓународните партнери „да размислат илјадапати“ пред да стартуваат воена акција против Сирија. Министерката за надворешни работи Ема Бонино изјави дека „реперкусиите би можеле да бидат драматични“, нагласувајќи дека нападот не може да се направи без договор во Советот за безбедност на ОН. Таа побара од британските, француските, американските и израелските власти да ги споделат со ОН информациите што тврдат дека ги имаат, а се однесуваат на употреба на хемиско оружје од страна на сирискиот режим.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема