1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инспекторите од ОН ја напуштија Сирија

Александар Методијев/дв/ап/миа31 август 2013

Тимот инспектори од ОН, кои ја истражуваат можната употреба на хемиско оружје во Сирија, ја напуштија земјата. Американскиот претседател Барак Обама и натаму ја разгледува можноста за „ограничена“ воена интервенција.

https://p.dw.com/p/19ZOn
Фотографија: AFP/Getty Images

Агенциите информираат дека 13-те инспектори го напуштиле хотелот во центарот на Дамаск кратко пред изгрејсонце и веќе се пристигнати во Либан (на насловната фотографија). Тие од Бејрут треба да отпатуваат во Хаг, каде се наоѓа централата на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Се претпоставува дека тие за две недели ќе го соопштат конечниот извештај. Тимот минатите денови спроведуваше истрага за обвинувањата за употреба на хемиско оружје на три места во Сирија. Бунтовниците ја обвинуваат сириската влада за нападот со отровен гас 21 август на исток од Дамаск. Владата, пак, ги отфрли ваквите обвинувања.

UN Soldaten Inspektoren Damaskus Syrien
Примероците за анализа, што беа собирани од инспекторите од ОН минатава недела, ќе бидат анализирани во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

Портпаролот на ОН Мартин Несирики информираше во Њујорк дека генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун е подготвен, ако е потребно, уште овој викенд да го извести Советот за безбедност за истрагата на тимот. Сознанијата на ОН нема да посочуваат виновник за нападот. Инспекторите имаат мандат само да проверат дали било користено хемиско оружје. Инспекторите со себе имаат понесено примероци од крв и урина од жртвите на нападите, како и примероци од почвата во погодените области, кои ќе бидат испитувани во лаборатории во Европа. Генералниот секретар на ОН треба да биде информиран за истрагата доцна денеска.

John Kerry äußert sich zum Syrien Konflikt
Кери тврди дека докази има од илјадници извориФотографија: Reuters

Американскиот државен секретар Џон Кери во синоќешното обраќање до јавноста изјави дека САД поседуваат докази од илјадници извори за одговорноста на режимот на Башар ал-Асад во нападот со хемиско оружје во близината на Дамаск. Според него, во нападот биле убиени вкупно 1.429 лица, од кои 426 деца. Сириското Министерство за надворешни работи одговори дека ваквите обвинувања се „лажни и неосновани“.

„Обвиненијата на Кери претставуваат очајнички обид да се оправда воениот удар врз Сирија“, се наведува во соопштението на сириското МНР.

И американскиот претседател Барак Обама изјави дека е сигурен оти сириските власти стојат зад нападот. Тој се’ уште нема донесено одлука за започнување на акција против Сирија и разгледува повеќе опции за реакција. На темата Сирија Обама на 4 и 5 септември во Шведска ќе разговара со премиерите на Шведска, Данска и Норвешка и со финскиот претседател.

Barack Obama äußert sich zu Syrien
Обама и натаму размислува како да реагираФотографија: picture alliance/AP Photo

Во меѓувреме уште еден американски воен брод, веќе шести, пристигна во Средоземното Море. Американските бродови се вооружени со крстосувачки ракети, кои наскоро би можеле да бидат насочени кон Сирија, во рамките на „ограничен, прецизен“ напад, изјавија американски воени извори. Според нив не постои план маринците да се испратат на копно при евентуалната воена операција против Сирија.