1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернат за спортски таленти

Оливија Фриц/ Ивана Петрушевска25 ноември 2012

Решението за младите талентирани спортисти, кои не знаат како да ги распоредат своите училишни и спортски обврски, а сакаат да станат професионални спортисти, го има спортскиот интернат во Келн.

https://p.dw.com/p/16nGO
Фотографија: 1. FC Köln/Sportinternat Köln

„Мислев дека ќе биде тешко, но човек се навикнува”, вели Макс Лукес, кој додава: „Овде луѓето се многу љубезни и одлично се согласуваме.“ Макс доаѓа од Кауфбојрен, јужна Германија. Одлуката на ова 17 годишно момче подразбирала одрекување од голем број работи. Сепак, за чекорот се одлучил поради љубовта кон спортот. Макс од својата четврта година тренира хокеј на мраз. Татко му, поранешен хокеар, кој настапувал за германската репрезентација, слушнал за спортскиот интернат во Келн и веднаш ја донел одлуката за Макс.

„Можностите кои му ги нуди хокеарскиот клуб Келнер Хаје, ги нема во Баварија. Во Келн, има две сали во кои може да се тренира хокеј на мраз. Многу се работи со поединецот. Претходно немавме вакви можности. Кога веќе постои шансата, човек мора да ја искористи”, вели таткото на Макс.

Сите под еден покрив

Голем број млади кои размислуваат како Макс, сакаат да инвестираат повеќе време во спортот, но имаат скептични родители. Макс во Келн оди во специјализирано училиште. Во иднина би сакал да работи во јавна администрација или некоја слична професија. Додека не го заврши училиштето, ќе живее во спортскиот интернат во Келн, заедно со 37 млади талентирани спортисти на возраст од 14 до 19 години.

„Многу е важно за нас, да им помогнеме на младите талентирани спортисти да одговорат на секој предизвик. Тоа значи дека училиштето, спортот и приватниот живот се под еден кров”, вели Михаил Нидрих, директорот на спортскиот интернат во Келн.

Max Lukes
Макс ЛукесФотографија: privat

Нидрих е поранешен професионален фудбалер и знае со какви проблеми се соочуваат младите кога се во прашање училиштето и спортот.

„Овој интернат не соработува само со спортските клубови и олимписките центри туку и со училиштата”, вели педагогот Оливер Хајтман .„Училиштата со кои соработуваме, на спортистите им даваат олеснителни околности кога имаат тренинзи и натпревари. Хајтман објаснува дека обврска на секој ученик кој живее во интернатот е да биде редовен на училиште. Во принцип, секое утро сите мораат да бидат на време во училиште. Со оглед на фактот што се далеку од дома, сакаме да ги направиме самостојни”, вели Хајтман.

Луксуз покрај мама

За учениците деноноќно се грижат четири педагози и неколку надворешни соработници. Секој кој сака да биде дел од интернатот, претходно мора да има постигнато добри резултати, како на училиште, така и во спортската дисциплина со која се занимава. За момците и девојките на располагање има 40 соби. „Поголемиот број од младите спортисти се фудбалери”, вели Нидрих, кој додава: „Блиски соработници сме со ФК Келн, а во одлични односи сме и со ХК Колнер Хаје.” Во спортскиот интернат има и млади спортисти од неколку олимписки дисциплини како бокс, џудо, гимнастика и тенис.

Од февруари оваа година, во интернатот живее и 16 годишниот Леон Вилхелмсен од Бремен. „Кујната и пералната на мама се луксуз. Тоа го забележав кога се вратив дома. Мајка ми на почетокот на ливче ми напиша како да ги перам алиштата. Но, сега веќе знам се. Ливчето одамна е во ѓубре”, вели Леон кој тренира хокеј на трева. Тој вели дека дисциплината, амбицијата и желбата се подразбирливи за секој млад спортист. „Сами планираме како ќе го минеме денот затоа што родителите не се со нас. За жал немаме многу слободно време. Затоа пак, го користиме распустот кога имаме доволно слободни денови кои ги користиме во максимално уживање”, раскажува Леон.

Leon Wilhelmsen
Леон ВилхелмсенФотографија: privat

Важни се и добрите оцени во школо

За разлика од повеќето фудбалери кои сонуваат за професионална кариера, Леон е свесен дека со хокејот нема добро да заработува.„Мене ми е важно да го завршам училиштето. Веројатно ќе продолжам да студирам економија“, напоменува Леон. Негова мотивација се сликите од Олимписките игри, на кои, дел од неговите колеги од тимот на „Црвено белите” од Келн го освоиле златниот медал. Целта му е да биде најдобар меѓу најдобрите.

Досега, двајца спортисти го напуштиле интернатот во Келн, кој е отворен пред една година. Правилата се јасни, без добри оцени во училиште и резултати на теренот, секој од нив, може да го загуби местото во спортскиот интернат.