1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидентите ја загрозуваат европската иднина на Македонија

Горан Петрески13 мај 2008

Зачестените инциденти сериозно ја доведуваат во прашање европската иднина на Македонија - драматичен апел на амбасадорите на земјите членки на унијата.

https://p.dw.com/p/Dz51
Бранко Црвенковски: „Да не биде важно толку кој ќе победи, туку што државата не смее да загуби“Фотографија: Macedonian Information Agency

Ако инцидентите не запрат веднаш натамошното приближување на Македонија кон Европската унија е неизвесно. Вака јасно и отворено, евроамбасадорите ги предупредија македонските политичари. На средбата со шефот на државата Бранко Црвенковски, европските дипломати изразија сериозна загриженост за последните случувања во Македонија, што не и‘ прилегаат на земја кандидат за члентство во унијата, а потоа се обратија и на македонската јавност. Дипломатите од највлијателните членки на унијата се редеа еден по еден со барање насилствата да запрат.

Алан Бергант од земјата претседавач со Унијата, Словенија, рече: „Ги повикувам сите политички партии да го почитуваат и да се придржуваат на кодексот за фер и демократски инциденти“, изјави словенечкиот дипломат.

Фуере: „Ова веќе не може да се толерира“

Германскиот амбасадор, Ралф Брет, побара државата да не дозволи граѓаните да станат заложници на неодговорни поединци на кои не им е важно членството во ЕУ. Францускиот Бернар Валеро, ги повика државните институции да ги откријат сторителите. Амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере: “Некои ќе речат вакви работи се случуваа и порано, но ние очекуваме нешто друго од земја кандидат за членство, која на изборите во 2006 вложи огромни напори и покрај инцидентите што се случија, но сега имаме повторување, дури многу полоша ситуација и тоа едноставно не може да биде толерирано натаму. Важно е овој апел да го уважат државните инитуции‘, рече европретставникот Ерван Фуере.

Црвенковски бара брзо расчистување на инцидентите

Истата загриженост и апел до политичките лидери да влијаат насилствата да запрат, а надлежните институции да ги откријат сторителите на досегашните инциденти упати и шефот на државата, Бранко Црвенковски. Тој ги повика ДУИ и ДПА веднаш да реагираат: „Раководствата на двете партии мора да се соочат со својата одговорност и да ги смират тензиите кои се појавија меѓу нивните активисти. Поради тоа, главна задача на сите нас, а тука би сакал да ве поканам и вас, дипломатските претставници во Скопје, е да апелираме и укажуваме дека учесниците на изборите треба да придонесат за креирање атмосфера во која нема да биде толку важно кој ќе победи, туку многу поважно ќе биде државата да не загуби. Исто така од огромно значење е надлежните државни институции, пред се‘ министерството за внатрешни работи, брзо и ефикасно да ги откријат предизвикувачите на инциденти и против нив да покрене соодветни постапки. Секој нерасветлен инцидент, секој несанкциониран насилник, претставува охрабрување за ново насилство.“

На средбата на претседателот со европските дипломати, во сенка на предизборните инциденти паднаа и другите прашања важни за Македонија и за регионот. Црвенковски ја повтори позицијата на земјата во врска со спорот со Грција дека е за компромис, но не и за диктат, дека ќе продолжи да преговара, но нема да прифати уцени.