1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инјекција за смирување за Шпанија од сто милијарди евра

Мартин Боне / Елизабета Милошевска Фиданоска10 јуни 2012

Шпанија е четврта евро-земја која бара помош од чадорот за спас. Парите треба да бидат поддршка за банките, но за враќање на кредитите е одговорна владата. Олеснувањето во меѓународни рамки е големо.

https://p.dw.com/p/15BXU
Фотографија: picture-alliance/ZB

Олеснувањето е големо. Шпанија по долго колебање се одлучи да побара милијарди евра помош од чадорот за спас за да го санира банкарскиот сектор. Одлуката на Шпанците дојде вчера попладне (09.06), за време на телефонската конференција на министрите за финансии на еврозоната.

Шефот на Еврогрупата Жан-Клод Јункер по конференцијата изјави дека е договорено на барањето на Шпанија да биде одговорено позитивно. Францускиот министер за финансии Пјер Московиси оцени дека се работи за силен сигнал на солидарност. Заклучокот беше пофален и од страна на шефицата на ММФ, Кристин Лагард.

Обемот на акцијата за спас се‘ уште не е точно дефиниран. Се‘ уште се во тек истражувањата за тоа колку точно капитал им е потребен на шпанските банки, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле за дневникот на првата германска телевизија АРД. „Рековме дека можеме да ставиме на располагање до 100 милијарди евра. Но овој износ, според проценка на шпанската влада, но и на ММФ, е поголем од она што навистина ќе биде потребно.“

Eurogruppe Sitzung Eurogruppensitzung Paris Frankreich Jean Claude Juncker Christine Lagarde
Жан-Клод Јункер и Кристин ЛагардФотографија: AP

Парите треба да бидат префрлени на шпанскиот Фонд за реконструкција на банките, кој потоа ќе ги префрла натаму до најзагрозените банки. Шојбле нагласи дека шпанската влада ја носи одговорноста: „За враќање на парите гарантира Шпанија.“

Четврта земја под чадорот за спас

Шпанија со тоа станува четврта земја од еврозоната, по Грција, Португалија и Ирска, која бара засолниште под чадорот за спас. На трите земји им се ветени кредити во износ од 200 милијарди евра. Со новата програма за Шпанија, износот се зголемува на 300 милијарди, што се‘ уште е помалку од половината на волуменот што го имаат двата чадори за спас - ЕФСФ и ЕСМ.

A
Кредитите за помош се предвидени исклучиво за рекапитализација на банките во кризаФотографија: dapd

Формалното барање на Шпанија за помош се очекува во наредните денови. Тогаш Европската комисија, поддржана од ЕЦБ и ММФ, со владата во Мадрид ќе преговараат за условите што земјата ќе мора да ги исполни во замена за финансиската инјекција. За разлика од Грција, Португалија и Ирска, нема да биде потребна голема програма за реформи и штедење. На Шпанија „нагости“ нема да и‘ доаѓаат ниту финансиските контролори на таканаречената Тројка. Со оглед на тоа што кредитите за помош се предвидени исклучиво за рекапитализација на банките во криза, Шпанија ќе мора само да се обврзе на мерки за санација на банкарскиот сектор.