1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ин” е активниот туризам!

9 март 2012

На меѓународниот саем за туризам во Берлин Македонија се претставува порепрезентативно од кога било досега. Активниот туризам е мамката со која агенциите сакаат да ги привлечат гостите.

https://p.dw.com/p/14H7Y
Фотографија: DW

Празнината која на македонскиот штанд порано се пополнуваше со развиорени знамиња и кич, годинава им отстапи место на пропагандниот материјал  и непосредниот контакт меѓу претставниците на агенциите и потенцијалните гости.

„Одиме на помалку саеми, за да биде подобро! Зашто, ако си само присутен на саемот, а не се претставиш добро, тоа е повеќе негативен марткетинг отколку позитивна промоција. Имаме поголем простор, подобро опремен штанд и седум партнери, туристички агенции од Македонија со свои пултови. Се надевам дека со оваа промоција ќе имаме и поголем успех”, вели за ДВ Јордан Трајков, директор на  Агенцијата за промоција и  поддршка на туризмот на Република Македонија.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Помалку саеми, поквалитетна презентација - Јордан Трајков, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмотФотографија: DW

Поагресивниот настап во Берлин се должи пред се’ на желбата да се надмине стагнацијата на германските гости во Македонија која неколку години по ред изнесува 10.000 туристи со 24.000 ноќевања, што е многу малку во споредба со вкупната бројка од 300.000 посетители. Рекламите и работата со медиумите се само дел од активностите Германците да се привлечат  кон Македонија.

„Правиме промоција која е таргетирана и кон бизнисите. Се обидуваме да најдеме туроператори од Германија кои би работеле со нашите. Поточно, да се поврзат нашите агенции кои се занимаваат со инкаминг туризам, со германските туроператори  кои работат ауткаминг”, вели Јордан Трајков.

Регионални „пакети“

Македонската туристичка понуда годинава се прилагодува на европската и германска ориентација: активен одмор.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Германците сакаат екстремно активни одмори: планинарење и маунтинбајк. Јане Јосифовски, „Но лимит травел“Фотографија: DW

„Сега се тренд авантуристичките тури во кои се вбројуваат хајкингот, маунтин бајкингот, параглајдерството”, објаснува Мано Ставревски од  Визит Маседонија, агенција ориентирана исклучиво кон носење туристи во земјата.

Сите, без исклучок, во програмите ги имаат регионалните тури, кои како што вели и Сашко Дончовски од Атлантис груп се организираат во соработка со агенциите од соседните држави.

Јане Јосифовски од „Но лимит травел” смета дека ваквата комбинација е од егзистенцијално значење за малите агенции, особено ако се има предвид  дека големите туроператори ги користат евтините авиопревозници кои слетуваат во Солун. Оваа агенција сега ги прави првите чекори во онлајн продавањето легла во приватното сместување преку германски партнери. Инаку, сите пакет аранжмани активен одмор се фокусирани во националните паркови Маврово, Галичица, Пелистер, параглајдинг во Крушево и Скопско, и „кејвинг” во околината на Македонски Брод.

Македонија и натаму непозната!

Обичните Германци, меѓутоа, малку ја знаат Македонија како туристичка дестинација.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Уве и Маркос бараа информација за јунските културни случувања во МакедонијаФотографија: DW

„За Македонија знам многу малку, да не речам ништо. Знам дека Скопје е главен град и дека некогаш имало земјотрес”, вели Уве Зајте од Штутгарт. Маркос Пуенос, пак, знае дека Мајка Тереза е родена во Скопје, додека Гудрун од Дрезден која е нетрпелива да ја открие земјата, посебно и‘ се радува на природата.

„Знам дека Македонија е парче од зелениот појас во Европа и затоа сакам таму да отпатувам. Посебно ме интересира планинарењето и на саемот дојдов да соберам  информации – каде и што може да видам, каде може да спијам, какви се камповите. Земјата не ја знам, но сум на добар  пат да ја запознаам”, рече за Дојче Веле Себастијан од Берлин.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска