1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран го намалува облагородувањето ураниум

ЖА/ртре20 јануари 2014

Техеран ги презема првите чекори за реализација на договорот за атомската програма со Западот. Во тие рамки е редуцирано облагородувањето ураниум. За возврат, САД и ЕУ треба да ги олабават санкциите кон Иран.

https://p.dw.com/p/1AtjG
Фотографија: Getty Images/AFP/Atta Kenare

Иран ги направи првите чекори за ограничување на својата нуклеарна програма. Ова го тврдат дипломати од Виена, повикувајќи се на инспекторите на ОН кои во Иран извршиле инспекција на двете постројки за облагородување ураниум во Натанз и Фордо, а го посетиле и реакторот за тешка вода во Арак (на фотографијата). Исполнувањето на условите од страна на Иран е предуслов за делумно укинување на санкциите. Инспекторите мораше да потврдат дека започнало исклучување центрифуги за производство на високо збогатен ураниум во институтот Натанз, согласно договорот со големите сили, Групата 5 плус 1 (САД, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Германија).

„Инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Натанз го констатираа исклучувањето центрифуги“, изјави шефот на Иранската организација за атомска енергија Али Акбар Салехи.

„Мразот на санкциите врз Иран се топи“, додаде тој.

Иран од почетокот на 2010. година во Натанз и Фордо врши облагородување ураниум до 20 проценти, што кај Западот разбуди сомнеж дека Иран наместо на нуклеарна програма за цивилна употреба, работи на создавање атомско оружје.

Во меѓувреме, шефовите на дипломатиите на дваесет и осум земји-членки на ЕУ се собраа денеска во Брисел за да расправаат за ситуацијата во Иран, Сирија, Египет и Украина.

Се очекува министрите делумно да ги укинат санкциите кон Иран, што е резултат на успешните преговори за меѓународен надѕор над иранската нуклеарна програма.