1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран го слави „Денот на револуцијата“

Шабнам Нуриан10 февруари 2009

На 10 февруари пред 30 години беше објавена победата на Исламската револуција и укинувањето на монархијата стара двеипол илјади години. Како младите гледаат на револуцијата и нејзините вредности?

https://p.dw.com/p/Gqbj
Техеран денесФотографија: DW/Shabnam Nourian

Техеран има 15 милиони граѓани. В петок, единствениот слободен ден во неделата, мала група млади луѓе редовно се искачуваат на ближната планина. Кога ќе се вратат во градот одат во кафуле, да се напијат црн чај.

Револуцијата и војната се длабоко врежани во свеста на граѓаните

Детството на овие млади луѓе мина под знакот на иранско - ирачката војна. Една година по револуцијата изби осумгодишниот крвав конфликт. Револуцијата и војната се длабоко врежани во свеста на многу граѓани, како што посакува државата. Насекаде во Техеран можат да се видат слики на маченици и пораки како: револуцијата произлезе од крвта на мачениците.

Szenen der Februar Revolution 1979 in Iran
Иран во 1979 годинаФотографија: Iranische Quelle ohne internationales Copyright

Дури и Мохамед, еден од групата млади луѓе кои секој петок планинарат, верува во тоа: „Никој во Иран не е против вредностите на револуцијата. Можеби се против политичкиот систем, но не против револуцијата. Во неа учествуваа сите Иранци. Денес таа малку отстапи од својот пат, бидејќи некои се означуваат себеси како сопственици на револуцијата.“

Хади, другар на Мохамед мисли поинаку. Тој има 28 години и е единствен во друштвото без високо образование, иако неговите родители се академски образувани. Тие непосредно учествувале во револуцијата. Но, Хади е убеден дека не денес, туку уште тогаш, пред 30 години, некои работи биле погрешни: „Револуцијата и нејзините вредности, тргнаа во погрешна насока директно по победата. Па нели имамот Хомеини тогаш кажа: Ќе водиме револуцијата додека не победиме, а потоа ќе ја дадеме во рацете на компетентни луѓе кои ќе владеат? Потоа оџите, ги тргнаа настрана сите оние кои долги години се бореа и поднесоа многу жртви. На власт дојдоа луѓе, кои никогаш повеќе не сакаа да ја напуштат.“

Младите бараат нормален и мирен живот

Szenen der Februar Revolution 1979 in Iran
Револуцијата пред 30 годиниФотографија: Iranische Quelle ohne internationales Copyright

Саназ, млада жена, седи на работ на масата и си игра со мобилниот телефон, додека другите разговараат за вредностите на револуцијата. Оваа 26-годишна девојка студирала хемија и размислува да замине во странство. Многу млади академски образовани во Иран се невработени. Саназ е една од нив: „Немам желба да ја бранам револуцијата или да учествувам во свеченостите. Сакам само да живеам во мир, да имам работа и да водам нормален живот. Токму она, што во оваа земја не е можно. Револуцијата не го дозволува тоа.“

По револуцијата беа затворени сите ноќни клубови и дискотеки. Во Иран се забранети алкохолот и западната музика. Жените мора да носат шамија на глава. Ако чуварите на револуцијата откријат дека некоја жена излегува со маж, кој не е дел од семејството, тогаш целото семејство има проблеми, а тие ќе добијат најмалку официјална опомена или дури и затворска казна. Саназ не гледа оптимистички на иднината: „Моменталната ситуција мора да се смени. А тоа се чини невозможно, зошто сите треба да учествуваат. Но, токму тоа нема да го сторат.“

Szenen der Februar Revolution 1979 in Iran
Сцена од февруарската револуцијаФотографија: Iranische Quelle ohne internationales Copyright

Секаков вид на критика, а камоли протест, иранската влада го означува за предавство на револуцијата, нејзините вредности и крвта на мачениците. Приватно, младите Иранци имаат различни ставови за исламската револуција - некои се поистоветуваат со неа, некои се против, на некои пак им е сеедно. Тие само сакаат мирно да го живеат својот живот.

Планинарењето во секој случај е можност барем за момент да се избегне постојаниот надзор од чуварите на револуцијата и да се почувствува слободата. Кога младите се враќаат во Техеран, ги дочекуваат револуционерни плакати и пароли и национални знамиња, вообичаена глетка секој февруари - веќе 30 години!