1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран започнал со облагородување ураниум

9 јануари 2012

Иран започна со облагородување ураниум во подземната нуклеарна постројка Фордоу, изјавија дипломатски извори во Виена за светските новински агенции. Иран тоа го потврди.

https://p.dw.com/p/13gVe
Фотографија: AP Graphics

Иран денеска ги потврди информациите што претходно ги изнесоа дипломати во Виена дека започнал со облагородување ураниум во подземната нуклеарна постројка Фордоу. Иранската телевизија на арапски јазик Алам го цитираше иранскиот претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија Али Ашгар Солтание во Виена, кој уште истакна дека сите нуклеарни активности на Иран се под супервизија на агенцијата.

Овој чекор веројатно ќе предизвика натамошна ескалација на спорот на Иран со Западот околу неговата атомска програма. Иран, во подземната постројка, длабоко во планините во близина на шиитскиот свет град Ком, облагородува ураниум до 20 процентна чистота.

Официјален Техеран досега не ги коментирал ваквите информации. Претходно, врховниот водач, aјатолахот Али Камнеи, порача дека иранскиот народ нема да потклекне под притисокот на санкциите кои Западот ги воведе против исламската република за да ја промени нејзината атомска политика.

Западот го сомничи Иран дека работи на создавање нукеларно оружје. Раководството во Техеран тоа го негира, но не е подготвено да ги изнесе деталите за својата атомска програма пред Меѓународната агенција за атомска енергија. ЕУ и САД неодамна се заканија со заострување на санкциите против Иран за на тој начин да се врши дополнителен притисок врз владата во Техеран. Иран на тоа реагираше со маневри во Заливот и закана дека ќе го затвори Ормускиот теснец, низ кој се транспортира над една третина од светската нафта.

Автор: СН/ртр

Редaктор: Е.М.Фиданоска