1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран на нишанот

11 февруари 2012

Дали Израел ќе го нападне Иран? Тешко е да се повлече линија меѓу психолошката војна и реален напад. Експертите мислат дека напад е можен и предупредуваат од проширување на конфликтот.

https://p.dw.com/p/141Rg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога американскиот претседател Барак Обама се обиде да ги смири страстите, Иран веќе најави подготвеност за распоредување копнени трупи и се закани со одмазда во случај на израелси напад.

„Не верувам дека Израел има донесено одлука“, изјави Обама (05.02.2012) и истовремено ја нагласи надежта во дипломатско решение на спорот околу иранската атомска програма.

Напад меѓу април и јуни?

За заживување на дебатата околу можен израелски напад врз Иран придонесе статијата објавена во весникот „Њујорк тајмс“. Ронен Бергман, кој се смета за еден од најдобро информираните американски новинари, напиша:

„По разговорите со највисоки воени функционери во Израел и со шефот на тајната служба, уверен сум дека Израел уште годинава ќе го нападне Иран“.

USA gegen Iran
Фотографија: Fotolia/le0nmd

Следеше извештај на „Вашингтон пост“, без противречности, со цитат на американскиот министер за одбрана Леон Панета, дека нападот на Израел врз Иран може да се очекува меѓу април и јуни. На тоа Бергман само додаде-„Панета веројатно има подобри извори“.

Ронен Бергман тврди дека Иран во следните девет месеци ќе стане „имун“ на евентуален напад и заради тоа се зголемува притисокот за носење на одлука за скор напад.

За израелската влада нуклеарното вооружување на Иран е ноќна мора, зашто раководството во Техеран постојано повикува на уништување на „ционистичкиот Израел“ и со тоа буди страв од нов холокауст.

Од друга страна Иран не е ни малку понеодлучен.

Iran Brennstäbe
Иранската атомска електрана БушерФотографија: picture-alliance/dpa

„Уверен сум дека која и да било влада во Иран ќе продолжи да стреми кон атомско оружје“, смета Брус Ридл, некогашен експерт на ЦИА за Блиски Исток и водечки советник на сите четворица американски претседатели од Џорџ Буш сениор наваму.

„Зашто, Иран е опкружен со нуклеарни сили како Русија, Индија, Пакистан, а тука е и американската Петта флота. Освен тоа, во Авганистан и во Ирак се покажа колку се загрозени земјите во регионот кои не можат да се одбранат од притисокот и инвазија на Западот“, појаснува бившиот експерт на ЦИА.

Израелската елита поделена

Но, во Израел всушност со месеци трае спорот про и контра воена акција.

„И елитата е поделена“, вели Габриел Бен Дор, директор на Центарот за национални безбедносни студии во Хаифа.

„Не постојат само поделби меѓу војската и политиката, туку и во самите нив постојат големи разлики во мислењата“, смета Бен Дор. Тој истакнува дека јавните дебати некогаш наликуваат на психолошка војна. Иако израелската армија одамна подготвува ваков напад, неизвесен е негов успех. Најлош случај, верува Бен Дор, би бил ако нападот не би ја постигнал целта, и ако Израел претпри големи штети, а на крајот се‘ заврши со голем контранапад на Иран. Спорна е исто така и улогата на Хезболах во Либан, како и на Хамас во Појасот Газа-дали и тие од сопствен интерес би ги употребиле своите ракети?

„Дали Израел може да си допушти да ги сочека нападите на Хезболах, или можеби би се почувствувал принуден прв да нападне?“, се прашува Ридл, поранешниот припадник на американската тајна служба. Тој не стравува само од проширување на судирот врз Либан, туку врз целиот регион. Неговото сценарио изгледа вака: иранското раководство американските воздушни напади ги оценува како американска операција и возвраќа со напади врз американските амбасади и воени бази во соседните држави. Во досега релативно мирниот западен дел на Авганистан Иран ги поддржува Талибанците и другите групи.

„Иран може војната во Авганистан, која и без тоа е тешка, за НАТО и САД да ја претвори во неконтролирана“, верува Ридл.

Iran arbeitete an Atomwaffen
Иранскиот претседател Ахмадинеџад не се откажува од атомската програмаФотографија: picture-alliance/dpa

Израелска авантура

САД исто така не исклучија можност од напад врз Иран. И Барак Обама во најновото интервју рече:

„Ние минатите години интензивно ги планиравме сите можни опции во Персискиот залив. Подготвени сме, ако биде неопходно, да ги спроведеме“.

Обама и Панета, меѓутоа, на израелското раководство повеќепати јасно му дадоа на знаење дека се против напад врз Иран зашто тоа би ги исфрлило од колосек сите дипломатски напори за решавање на проблемот. И германскиот министер за одбрана Томас де Мезие го предупреди Израел на последиците на оваа „авантура“.

Автор: Денис Штуте/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска