1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран не се откажува од нуклеарната програма

БГ/миа28 август 2012

Властите во Техеран порачаа дека немаат намера да се откажат од својата нуклеарна програма, за која што тврдат дека има стриктно мирољубиви цели.

https://p.dw.com/p/15xzi
Фотографија: dapd

Иран никогаш нема да ја сопре програмата за збогатување на ураниум, порача денеска иранскиот амбасадор во Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) којашто на почетокот од септември ќе објави нов извештај за иранската нуклеарна програма.

„Нема да се откажеме од нашите права на збогатувањето ураниум, кое всушност им припаѓа на сите народи“, изјави Али Ашгар Солтанех на прес-конференцијата во иранската престолнина Техеран на маргините од подготовките за самитот на Движењето на неврзаните земји, кој почнува денеска.

„Нашите активности поврзани со збогатувањето на ураниумот никогаш нема да престанат и ние не треба да ги оправдуваме“, додал Солтанех порачувајќи дека станува збор за „мирољубива“ програма којашто е под контрола на ИАЕА.

Обединетите нации врз основа на извештаите на Меѓународната агенција коишто Техеран ги негира, досега веќе шест пати го осуди продолжувањето на развојот на иранската нуклеарна програма и во четири наврати воведуваше санкции за Ирам. Од 2010 година западните земји воведоа за Иран многу строги и сеопфатни економски санкции.

Западот спроведе низа меѓународни санкции за Исламската Република обвинувајќи ја дека под превезот за цивилна нуклеарна програма развива атомско оружје. Техеран, пак, вели дека неговата нуклеарна програма има само цивилни цели, за добивање електрична енергија и во медицински цели.