1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран одбива странска помош

Александар Методијев/ројтерс/дв/бета13 август 2012

Официјалниот број на загинати во иранскиот земјотрес е 227 лица, но се стравува дека тој може да се искачи до 300. Во погодените региони има недостиг од храна, вода и шатори, но иранските власти одбиваат странска помош.

https://p.dw.com/p/15oWh
Фотографија: ISNA

Преполни болници на северозападот од Иран се борат и денеска да се справат со илјадниците повредени во силниот земјотрес, којшто уби најмалку 227 лица и остави во урнатини бројни села. Шеесетте последователни потреси на земјата го оставија народот на улица, во привремени кампови подигнати во паркови. Но, шаторите се дефицитарни и народот ги минува ноќите во студ под отворено небо. Во болниците има долги редици на чекање.

„Од минатата ноќ до попладнево, кога ја напуштив болницата ’Шохада је Табриз’, докторите постојано извршуваа операции. Ова е страшна трагедија, но луѓето и властите прават се’ што можат“, изјави еден доктор, кој работи во погодениот град Табриз, кој додаде дека народот работи со спасувачите и носи храна и вода во болницата. Некои од луѓето ги користеле и своите автомобили за да ги пренесат повредените.

Erdbeben Iran
Фотографија: Reuters

Пратеникот Абас Фалахи предупреди дека луѓето во некои села „имаат очајна потреба од храна и вода“.

„И покрај ветувањата на властите, мала прва помош е дистрибуирана во регионот и најголем дел од луѓето се оставени без шатори. Ако ваквата ситуација продолжи, тогаш бројот на жртвите ќе почне да расте“, предупреди тој.

И покрај ваквата состојба владата во Техеран ги одби понудите за помош од бројни странски земји, меѓу кои беа и САД, Германија, Русија и Турција. „На Иран не му е потребна помош од надвор и самиот може да се справи со ситуацијата“, изјави министерот за внатрешни работи Мохамед Наџар, кој вчера објави дека потрагата по преживеани лица е прекината. Според него, бројот на жртвите изнесува 227, додека градоначалникот на Ахар, Реза Садиги, изјави дека се верува оти речиси 300 лица загинале во силниот земјотрес. На терен помага Црвената полумесечина, која до сега поделила околу 44.000 пакети со храна и 5.600 шатори. Државната иранска телевизија јави за биланс од 20 села срамнети со земја и 130 тешко оштетени.

Меѓу оние кои се огласија со сочувство се и САД, кои пораката од Белата куќа ја упатија до иранскиот народ, а не до властите во земјата, бидејќи САД и Иран немаат дипломатски односи.

Erdbeben Iran
Фотографија: Reuters

„Американскиот народ испраќа најдлабоко сочувство до иранскиот народ за загубите на животите во овој трагичен земјотрес на северозападот од Иран“, рече портпаролот на Белата куќа Џеј Карнеј, пренесувајќи дека САД се подготвени да помогнат во овие тешки времиња.

Сеизмолозите измерија дека првиот земјотрес во саботата бил со интензитет од 6,2 степени по Рихтеровата скала, додека вториот по 11 минути имал интензитет шест степени. Епицентрите на земјотресите беа во близина на градовите Ахар и Варзеган, на 60 километри од градот Табриз.