1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран се фали со ракетен тест

2 јануари 2012

За време на 10-дневната поморска вежба источно од теснецот Ормуз, Иран во понеделникот успешно тестираше ракета со долг дострел од типот „Кадер“, соопшти официјалната иранска агенција Ирна.

https://p.dw.com/p/13cqz
Иранска балистичка ракета „Шехаб“Фотографија: picture-alliance/abaca

„Ракетата Кадер со дострел од 200 километри ја конструираа иранските научници. Ракетата успешно ја досегна поставената цел во Персискиот залив и ја уништи“, изјави за агенцијата портпаролот на поморската вежба, Махмуд Мусави.

„Кадер е ултрамодерен ракетен систем со вграден прецизен радар, значително подобрен во однос на претходните генерации проектили“, додава Мусави.

Малку претходно во понеделникот иранската морнарица го најави тестирањето на две балистички ракети со среден дострел и една со краток дострел, на последниот ден од вежбата што ја спроведува во теснецот Ормуз, стратешки важен морски премин за трговијата со нафта.

Иранските власти во саботата соопштија дека го одложуваат планираното пробно лансирање на проектил со долг дострел во рамките на поморската вежба во Персискиот залив, давајќи знаци дека се подготвени на нов круг преговори со Западот за нивната контроверзна нуклеарна програма.

Тестирањето на ракетата се случи во време кога САД најавија дополнителни санкции против Техеран поради неговата спорна атомска програма. Западот го обвинува Иран дека под плаштот на мирољубива атомска програма, тајно работи на создавање атомско оружје.

Ахмадинеџад: Централната банка со самодоверба и сила против новите санкции

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад изјави денеска дека иранската Централна банка со сета сила и со самодоверба ќе се спротистави на новите санкции на САД.

Iran Atom Präsident Mahmud Ahmadinedschad
Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

„Централната банка е клучна за спротиставување со непријателскиот притисок и таа мора да биде силна, со самодоверба за да елиминира непријателски заговор“, рече претседателот на Иран.

Во соопштение од кабинетот, Ахмадинеџад вели дека „треба да го штитиме својот народ и државата од непријателски заговори за да не се врши притисок врз нашиот народ“.

Според него, моментно не постои „ниту еден посебен пример“ во економскиот сектор во државата без оглед на бројните санкции.

Автор: ЖА/ АТ/ миа/ макфакс/ дв

Редактор: Александра Трајковска