1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран ја повика Сирија да преговара со опозицијата

Александар Методијев/ројтерс/афп/миа9 август 2012

Иранскиот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи денеска повика на сериозни разговори меѓу сириската влада и опозициските групи, предупредувајќи дека внатрешниот дијалог е единствен начин за решавање на кризата.

https://p.dw.com/p/15n3S
Фотографија: Reuters

„Исламската Република Иран цврство верува дека сириската криза може единствено да се реши преку сериозен дијалог и разговори меѓу владата и опозициските групи, кои уживаат поддршка од народот во Сирија“, изјави Салехи на почетокот од конференцијата во Техеран, на која се разговара за бунтот во Сирија. Во говорот емитуван преку иранскиот јавен телевизиски сервис, Салехи рече дека Иран „отфрла каква било странска и воена интервенција во Сирија и ги поддржува напорите на ОН за решавање на кризата“.

На конференцијата за конфликтот во Сирија учествуваат претставници од 30 земји, меѓу кои и Русија, Пакистан, Авганистан и Ирак. Додека таму се расправа за иднината на земјата, на терен борбите продолжуваат.

Iran Außenminister Ali Akbar Salehi
Министерот за надворешни работи на Иран Али Акбар СалехиФотографија: Reuters

Повлекувања од Салахедин

Сириските бунтовници се повлекоа од делови од стратешкиот кварт Салахедин во Алепо, по жестоките битки со силите на претседателот Башар ал-Асад. Зградите во тој дел од градот се жестоко гранатирани, а бунтовниците се соочуваат со недостаток од муниција. За повлекувањето од квартот Салахедин информираше командантот на бунтовниците.

„Ние направивме тактичко повлекување од Салахедин“, рече командантот Васел Ајуб. „Областа е целосно празна од бунтовнички борци. Режимските сили сега напредуваат во Салахедин“, додаде Ајуб.

Kämpfe Syrien 8.8.2012
Бунтовниците се повлекуваат од стратешки кварт во АлепоФотографија: Reuters

Над 50.000 сириски бегалци во Турција

Во истовреме со битките на терен, сирискиот претседател Башар ал-Асад го назначи министерот за здравство Ваел ал-Халки за премиер, откако претходниот, Ријад Хиџаб, во понеделникот побегна од земјата и објави дека и’ се приклучува на опозицијата. Халики го заменува привремениот премиер Омар Галаванџи, кој беше назначен на функцијата неколку часа по бегството на Хиџаб.

А, во последниве два дена од земјата во Турција побегнаа и 2.000 Сиријци, со што вкупниот број на сириски бегалци во турските бегалски кампови, по должината на границата со Сирија, надмина 50.000 лица, соопштија денеска турските власти.

Државната агенција за непогоди и вонредни состојби соопшти дека вкупно 50.227 Сиријци нашле прибежиште во Турција, во девет кампови во четири погранични турски провинции.