1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирачката катастрофа влезе во нова фаза

Петар Филип 26 март 2008

Од вчера во јужно-ирачкиот град Басра беснеат борби меѓу владините сили за безбедност на Ирак и трупите на лидерот на Шиитите Муктада ал Садр, со повеќе дузини загинати. Најновите настани ги коментира Петер Филип:

https://p.dw.com/p/DUvv
Ново поглавје во ирачката војна: Басра се претвори во жариште на борби за власт.Фотографија: AP

Со борбите во јужно-ирачкото пристаниште Басра започна нова и можеби најтешка фаза од внатрешно-политичката катастрофа во Ирак. Официјално, ирачките сили за безбедност се обидуваат да ги обезвластат милициите на младиот шиитски лидер Муктада ал Садр, но развојот на настаните е многу поширок од тој дуел: може да доведе до нови расправии во шиитскиот табор; да го забрза прекинот на примирјето со Американците, а нема да потрае долго ако дојде и до нови судири со сунитските милиции, можеби и до нов пораст на терористичките напади меѓу различните народносни групи во земјата.

Трезвено решение

Притоа, акцијата на безбдносните сили во Басра во основа е трезевено решение: најголемиот град во Јужен Ирак во последните години се претвори во борбено поле меѓу различни политички и криминални групи, па приврзениците на Садр не се единствените што таму предизвикуваат нереди. На пример, тие им конкурираат на следбениците на „Високиот исламски совет на Ирак“, кој е дел на владината коалиција во Багдад, исто како и со различни групи кои сосема отворено се поддржувани од Иран. Соседната земја во последните години многу го прошири своето влијание токму во Басра.

Но, тука се и припадниците на шиитската „Дава“ партија на премиерот Нури ал Малики кои се подеднакво заинтересирани да ја преземат водечката улога во Басра. Оттаму, не е далеку од вистината дека Малики токму затоа реши лично, на самото место,

да ја координира акцијата на безбедносните сили.

Ситуацијата во Басра е тешка

До регионалните избори во октомври има уште доста време, но со извесна сигурност може да се тврди дека премиерот уште сега сака да постави факти.

Со избувнувањето на борбите во Басра и нивното проширување врз други делови на земјата, исчезнува и ширењето на надежта на силите на алијансата дека ситуацијата во Ирак се подобрува. Се чини конечно се потврдува дека Британците имаа само повеќе среќа за време на нивното присуство и управувањето во Басра. Зашто негативниот развој што ја доведе Басра во сегашното беззаконие се случуваше и во времето на Британците кои исто така не успеаја да го спречат. Сега и за тоа е предоцна: тие се присутни само уште на аеродромот во Басра и во случај на потреба, можат бргу да бидат евакуирани.