1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламистичките единици се повлекуваат од Могадишу

28 декември 2006

Вниманието на светската јавност деновиве е завртено кон Сомалија во страхување судирите да не се претворат во крвпоролевање меѓу алијансата на етиопските и на трупите на преодната влада од една и на исламистичките милиции. Сосема ненадејно Советот на исламските единици претпладнето нареди повлекување од Могадишу, па се претпоставува дека битката за главниот град засега е завршена.

https://p.dw.com/p/Ac0Y
Силите на преодната влада веќе пред Могадишу
Силите на преодната влада веќе пред МогадишуФотографија: AP

Крај на битиките, но не и крај на војната. Во Сомалија судирите денеска изутрина добија неочекуван пресврт. Исламистичките трупи очигледно без борба имаат намера да се повлечат од Могадишу. Нивниот водач, шеикот Шариф Ахмед, за телевизијата Ал Џезира изјави дека неговите единици го напуштаат градот. Сепак изутрината можеа да се слушнат поединечни престрелки. Етиопските тенкови и војниците на преодната влада вчера беа на 30 километри од Могадишу со закана да го опколат, како што изјави амбасадорот на преодната влада во Етиопија, Абделкарин Фарах, уште пред да биде објавено повлекувањето на исламистите:

"Могадишу е главен град на Сомалија и цел на владата е да го освои. Како ќе постапуваме потоа е друг проблем. Тоа е во рацете на армијата“.

Сега овој проблем, со повлекувањето на исламистичките трупи, е решен. Сепак, можат да се појават други, зашто не е јасно каде се повлекуваат овие трупи. Секако не кон бреговите на Индискиот океан. Посматрачите сметаат дека тие ќе се разделат и потоа ќе започнат герилска војна.

Инаку, по неколку часа можно е војниците на преодната влада да влезат во Могадишу, изјави изутрината нејзиниот портпарол Абдирхаман Динари. “Тие испарија во воздухот“ изјави тој мислејки на водачите на исламистичките трупи. Војниците на владата, веќе ги контролираат двете најважни конторлни точки надвор од Могадишу.