1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исповед на еден саудиски џелат

25 февруари 2010

Две третини од земјите во светот ја укинаа смртната казна, но не и земји како Саудиска Арабија. Таму ваквата казна се применува и тоа за серија деликти како убиство, силување, прељуба, па дури и за гатање.

https://p.dw.com/p/MAYQ
Фотографија: picture-alliance / maxppp

Отсечената глава паѓа на подот, а крвта истекува во каналот. Од звучниците се слуша деформиран глас, кој објаснува поради што е егзекутиран осуденикот: силување, шверц и посед на дрога. Џелатот Абдала Ал- Биши ја брише крвта од мечот.

„Кога би сочувствувал со секоја личност која ја погубувам, тогаш таа би страдала. Кога срцето ми е полно со сочувство, тогаш раката не ми е сигурна“, вели овој професионален џелат за либанската телевизија.

Смртната казна всушност не претставува директно кршење на човековите права, но Обединетите нации во рамките на своите конвенции и протоколи бараат од членките да ја укинат. Но, во Саудиска Арабија владее шеријатот- исламски закон, кој дозволува смртна казна.

„Пред неколку месеци верската полиција уапси еден либански Шиит за време на аџилакот во Медина. Експресно беше покренат судски процес и беше осуден за гатање. Како основа за тужбата беа земени снимките од една либанска телевизија на кои тој ја претскажувал иднината“, вели Кристоф Вилке од организацијата Хјуман Рајтс Воч.

По егзекуцијата, набивање на крст

Во конкретниот случај станува збор за Либанецот Али Хусаин Сибат, кој, како и многумина други кои добиле смртна казна, е странец. Според наводите на Амнести интернешнл, 104 од вкупно 140 обвинети за кои се бара смртна казна се странци.

König Abdallah von Saudi Arabien
Саудискиот крал АбдулаФотографија: picture-alliance/ dpa

Теоретски, саудискиот крал би можел да ги помилува осудените, но нему рацете му се врзани, затоа што тој е обврзан согласно шеријатското законодавство, објаснува Вилке.

Смртната казна е составен дел од традицијата на оваа земја, па населението и воопшто не помислува дека таа е погрешна, за разлика од западните земји каде ваквата казна се смета за застарена и сурова.

„Она што нас од Амнести особено не’ шокираше минатата година беше појавата на егзекуции, по кои погубените дополнително беа набивани на крстови за да можат сите кои поминуваат од тоа место да ги видат. Тоа е неверојатно варварство, за кое нема место во 21-от век“, вели Регина Шпетл од Амнести интернешнл.

На џелатот Абдала Ал-Биши сето тоа му е сеедно. Тој ја смета смртната казна за оправдана. Дури не ги поштедува ниту своите пријатели кога ќе му се најдат под мечот.

„Погубив многу луѓе кои беа и мои пријатели. Но, ако некој стори злосторство, тогаш тоа и го заслужува“.

Автор: Ендрју Шејл/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска