1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истанбул, Мадрид и Токио во битка за ОИ во 2020

Р.Ѓорѓиев/дв7 септември 2013

Меѓународниот олимписки комитет има тешка задача да одлучи викендов кому да му ја додели организацијата на Летните олимписки игри. Трката е изедначена, но еден кандидат можеби има мала предност

https://p.dw.com/p/19dTU
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Мост на заедништвото“, „Осветли ја иднината“, „Откријте ја иднината“ се истанбулскиот, мадридскиот и токискиот официјален слоган. Но слоганите, а и популарните јавни личности кои ги подржуваат кандидатурите, нема да бидат одлучни за да се добијат игрите. Тајното гласање во Буенос Аирес на 7 септември ќе го одлучи победникот.

Комитетот прифати три кандидатури во мај 2012, откако ги отфрли кандидатурите на Доха и Баку. МОК во меѓувреме ги оцени кандидатурите на останатите кандидати, давајќи му 8,02 поени на Мадрид, 8,02 поени на Токио и 6,98 на Истанбул. Во извештајот на Комисијата за проценка објавен во јуни 2013, МОК ги пофали сите кандидати за нивните апликации од „висок“ квалитет и додаде дека сите кандидати би биле во можност да организираат одлични игри.

Критериуми за кандидатите

Извештајот ги вреднува кандидатите според 14 критериуми кои МОК ги има поставено. Еден од критериумите е „визија, концепт и наследство“. Под овој концепт, Истанбул на пример нагласува дека претставува мост помеѓу Европа и Азија. Токио ветува дека ќе ги зајакне „олимписките вредности“ и ќе „го промовира националниот дух, единство и доверба, посебно после катастрофалниот земјотрес и цунами во март 2011“. Мадрид пак, од друга страна, тврди дека Олимписките игри можат да се организираат со малку финансиски инвестиции без притоа да се компротмитира високиот квалитет на „Олимпиското искуство“. Ваквиот став на Мадрид кој гледа на игрите како дел од долгорочна социјална и економска стратегија за развој, може да предизвика симпатии кај членовите на МОК кои се под остри критики заради преголемите буџети на градовите кандидати.

Madrid bewirbt sich für die Olympischen Spiele 2020
Презентација на кандидатурата на МадридФотографија: dapd

Сите кандидати тврдат дека имат широка јавна подршка.

Секако постојат и противници, тие тврдат дека се можни многу негативни ефекти од организацијата на игрите, кои варираат од покачување на цената на киријата па до еколошка штета.

Инфраструктурата е една од најконтроверзните теми. Токио е познат по тоа што неговиот метро систем е драматично преполнет. Додека пак 6,3 билиони евра кои Истанбул планира да ги потроши за да изгради патишта и да го подобри јавниот сообраќај најверојатно нема да бидат доволни.

Анти-допинг мерки

Уште една спорна тема се анти-допинг мерките. Шпанија во моментов ја тресе допинг скандал, кој доби свој епилог во судењето на Еуфемиано Фуентес и неговата долготрајна допинг-шема, која стоеше и зад искачувањето и паѓањето на Ленс Армстронг чии седум титули од Тур де Франс беа одземени, токму поради таа допинг-шема. Набљудувачите се прашуваат дали ќе може Шпанија да организира „чисти“ игри, или можеби би било најдобро да се избере Истанбул, каде што неодамна 30 спортисти беа суспендирани поради допинг.

Некои критичари на МОК пак тврдат дека на крај, победникот можеби нема да биде одлучен на индивидуална база туку на принципот на регионална ротација. Овој принцип значи дека еден континент не би можел да биде домаќин на две последователни Олимписки игри, а самото тоа би можеле да ги натера идните кандидатите да размислат стратегиски за нивните шанси да ја добијат организацијата, и дали да гласаат за одреден град или не. Кувајскиот шеик Ал Сабах на пример, ќе подразмисли двапати дали да гласа за Истанбул или Токио затоа што ако тие ја добијат кандидатурата тоа би ги намалило шансите на Доха да ги добие игрите во 2024 или 2028.

Atatürk-Olympiastadion
Олимпискиот стадион Ататурк во ИстанбулФотографија: Getty Images/Afp/Ozan Kose

Неколку промени беа направени после скандалот со доделувањето на зимските Олимписки игри на Солт лејк сити, поради кој имаше неколку отпуштања во МОК, заради обвинувања за примање поткуп. Заради обидите да се спречи ваков случај уште еднаш, од Истанбул беше побарано да го острани од својата апликација ветувањето дека ќе формира посебен фонд кој ќе донесе 250 милиони долари за МОК и Меѓународниот Параолипимски комитет. На Токио пак не му беше дозволено да вклучи бесплатен превоз за сите членови на националните олимписки комитети во својата кампања.

Политика и економија

Но постојат и други иницијативи кои се надвор од контролата на МОК. На пример, кога јапонскиот премиер Шинсо Абе присуствуваше на состанок на премиерите на африканските земји, тој побара подршка за кандидатурата на Токио, а потоа сосема „случајно“ спомена дека неговата влада планира да додели 25 билионски пакет за развој во Африка.

Tokio Bewerbung für Olympia 2020
Носителите на кандидатурата на ТокиоФотографија: Yoshikazu Tsuno/AFP/GettyImages

За време на последната презентација на кандидатурите во август во Лозана, Швајцарија, генералното мислење беше дека Мадрид ги подбри своите шанси затоа што работите почнаа да се движат на подобро во нивната економија.

Жешки теми како што беа полициската реакција на протестите во Гези парк и радијацијата од Фукушима не беа споменати во Лозана. Објаснувањето за ваквиот чин беше дека до времето кога игрите треба да се одржат овие проблеми ќе бидат решени. На крајот на краиштата, делегатите ќе одлучуваат за игри кои ќе се случат за седум години во 2020.