1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истекува ембаргото за оружје за Сирија

Христоф Хазелбах/ Жана Ацеска28 мај 2013

Министрите за надворешни работи на ЕУ со часови дискутираа во Брисел и безуспешно се убедуваа. Тие не можеа да се согласат околу продолжување на ембаргото за оружје за Сирија. Што значи тоа за бунтовниците во земјата?

https://p.dw.com/p/18fDB
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Министрите за надворешни работи на ЕУ ги продолжија економските санкции против Сирија, но не и заедничкото ембарго за оружје. Тоа истекува в сабота, на 1. јуни. Прашањето - дали ќе биде испорачано оружје на бунтовниците, со тоа останува во надлежност на поединечните држави. Со тоа Франција и Велика Британија успеаја да ги протнат своите ставови наспроти останатите во ЕУ.

Но, голем дел од министрите се навистина лути. Австрискиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер индиректно ги обвини Британците и Французите за уцена. Нанадвор, министрите сепак се трудат одлуката да ја претстават како консензус. Критериумите според кои бунтовниците ќе добиваат оружје ќе бидат заеднички утврдени, истакна шефот на француската дипломатија, Лорен Фабиус. Ќе бидат поддржувани само демократските сили. Неговиот британски колега Вилијам Хејг вети: „Ќе лиферуваме оружје само во договор со другите држави, по внимателна проверка на околностите и во согласност со меѓународните закони“. Но, сега „постои флексибилност за можна реакција на влошување на ситуацијата или во случај режимот на Асад да одбие преговори“.

„Тогаш, можеме да ја затвориме продавницата“

Министрите со часови расправаа околу заедничка позиција. Германскиот министер Гидо Вестервеле уште пред патувањето во Брисел предупреди: „Ако сакаме влијание во Сирија како Европејци, тогаш мораме да бидеме што е можно поединствени“.

EU Außenminister zu Syrien Brüssel 27.05.2013
Вилијам Хејг (лево) во разговор со Жан Аселборн (во средината) и Михаел Шпинделегер (десно)Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Неговиот луксембуршки колега Жан Аселборн се изрази уште подрастично: „Неспособноста да се постигне компромис би била најлошото. Тогаш би можеле да ја затвориме продавницата“, фигуративно се изјасни Аселборн, алудирајќи на ЕУ.

Но, спорот околу ембаргото за оружје крена високи бранови. Хејг реторички праша: „Уште колку долго можеме да го гледаме отстрана убивањето на луѓето во Сирија со сите можни видови оружје, додека најголем дел од светот ним им ја ускратува можноста за одбрана“?

Францускиот министер Фабиус зборуваше за „растечкото сомнение дека режимот на Асад употребува хемиско оружје“. Според Хејг, досегашното неединство на Европејците го подгрева екстремизмот. Но, тој сака барањето за испорачување пратки оружје да биде сфатено како дел од дипломатската стратегија пред планираната меѓународна конференција за Сирија во јуни во Женева. Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асaд треба „да прими јасна порака дека мора сериозно да преговара“.

EU Außenminister zu Syrien Brüssel 27.05.2013
Гидо Вестервеле (во центарот), Михаел Шпинделегер (десно)Фотографија: picture alliance/AP Photo

Страв од натпревар во вооружување

На спротивната страна аргументираше австрискиот министер Шпинделегер - лиферувањето оружје би било свртување на досегашната европска политика за 180 степени. ЕУ е мировна унија и би требало да се држи настрана од војните. Пратките оружје нема да им помогнат на луѓето во Сирија: „Ако таму испратиме повеќе оружје, на крајот нема да постигнеме мир, туку натпревар во вооружување“.

Во ЕУ е раширена и загриженоста од тоа оружјето да падне во рацете на екстремистите, зашто се чини дека опозицијата е порасцепкана отколку што се мислеше. Наместо натпревар во вооружување, да постои натпревар во политички идеи за решавање на конфликтот, побара Шпинделегер.

Ештон гледа добри намери

Стравувањето дека со крајот на ембаргото за оружје за Сирија, ќе падне целиот систем на санкции, се покажа неосновано. Остануваат во сила економските санкции против режимот на Асад и неговите поддржувачи. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон со напор се обиде на сите учесници во долгата и мачна дебата да им припише добри намери: „Сите позиции се вредни за почит, зашто секој се обидува да ја надмине поделеноста во ЕУ. Како ретко кога, денеска ставовите на министрите беа јаки и јавно спротивставени“.